Дури и тврдокорните од типот "Не, благодарам, не пијам пенливо вино", ќе паднат пред овие две пенливи вина: Kamnik Spark Rose 2014 и Tomac Amfora 2010 Двете вина се добиени по традиционална метода по која се произведуваат славните шампањци, меѓутоа нивната оргиналност се крие во базните вина кои по многу што се разликуваат од комерцијалните шампањци кои можеме да ги сретнеме насекаде. Најчесто поради лошо искуство со некој неквалитетни, ултра-евтини, засладени или пак суви често горки пенливи вина, кој сме ги конзумирале во дилириум на некоја журка од "младоста", нефер ги исклучуваме пенливците од својот избор. Како втора причина за делистање на пенливите вина од нашиот избор може да ја именуваме како "втор обид". Сега веќе работиме па можеме да одвоиме некоја пара повеќе за "поквалитетна" боца пенливо вино и често завршуваме со некој бренд-пенливец, кој нашето пивско непце тешко го препознава, па ја пикаме перцепцијата на сила во гастро фајлот дека "ова е тоа", а за следното пукање на тапата ... ќе почекаме ! Верувате во љубов на прв поглед ? Spark Rose Brut 2014 Chateau Kamnik (Pinot Noir, Montepulciano, Sangiovese) - ќе ве заведе и воведе во светот на премиум пенливите вина. Неговата комплексна ароматика водена од овошни ароми на цреша, јагода, малина, следени со лесни квасочни ноти на свежо тесто, кроасан и зачински подтонови на јаткасти плодови нема да ве остави рамнодушни. Вкусот кај ова розе е тајниот адут кој ви го пренесува тероарот. Одлично балансираниот вкус со умерена свежина надополнет со кремаста пенливост и козистентен перлаж од фини добро итегрирани меурчиња ви нуди недолива леснотија. Хармоничноста на добро оцртаните ароми ви дозволуваат со секоја голтка лесно да ги откривате и уживате во нив. Имате искуство со пенливи вина и сакате да пробате нешто оргинално ? Добра прилика за нешто пооргинален вкус е пенливото вино од Томац Амфора. Тоа е првото пенливо вино во светот кое за базно вино користи вина произведени по метода стара 8000 години. Да, станува збор за таканаречените мацерирани вина, или поточно вина кои се во долг постферментативен контакт со лушпите при што се добива засилено екстрахирање на ароми и вкусови. Клучните процеси се одвиваат во 2000 lit. глинени садови произведени во Грузија (историската винска мека) а "посадени" на Хрватска почва во Плешевичкото виногорје во непосредна близина на Загреб.
Tomac Amfora Brut Nature 2010 - интензивно длабоката златната боја веќе наговестува дека станува збор за висококонцентрирано вино. Комплексна ароматика со среден интензитет водена од автолитички ароми на бриош, свежо тесто, следено од полесно интензивни ароми на развиено зрело и суво овошје, кора од портокал, цитрон, дуња, сува кајсија, султана и зачински ноти на печен бадем, карамела, ванила. Едно целосно развиено вино. И повторно вкусот како главно оружје, но за разлика од розевата убавица на Камник и огроминиот дел на бели пенливи вина чија главна одлика е лесното тело, тука имаме силно структуирано вино со остра свежина, лесно танинично со нежна лесна пенливост на идеално итегрирани мазни меурчиња кои за жал не перлаат баш најсовршено но затоа пак овозможуваат полесно впарување со посериози оброци. Добриот баланс со долгиот послевкус дава уште една потврда за пенливо вино со многу добар квалитет. На здравје !
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |