Од каде да се почне и како до максимално уживање во "земјата" Винодонија. На самиот почеток би сакал да потенцирам дека првиот ден од Винодонија не успеав да ги пробам сите вина, имам и јас душа. Нека не ми замерат некој винарници и вина што нема да ги споменам, бидејќи или веќе сум ги коментирал претходно, или не стигнав да ги пробам нивните вина или нема што да се коментира за нив. Оставам вие да истражите и слободно да се надоврзете во коментарите надополнувајќи го овој текст. Многумина од нас без разлика на винското искуство кога ќе влезат во сала во која се изложени преку 400на вински етикети им скока адреналинот и не знаат буквално од каде да почнат и што е потребно прво да направат. Земете чаша ! Ќе ви се најде. Вратете се назад неколку чекори, чашите ве чекаат на влезот. Поздравете ги ликовите кои се дојдени да бидат видени, сепак е ова културен настан. Тие се вртат обично близу до влезот. Овинување Овој термин го собрав од овињавање кој се користи во српскиот јазик. Првиот штанд на кој ќе налетате одберете било кое суво и овошно бело вино со кое ќе ја овинините чашата провртувајќи го виното во неа и ќе го исплакнете непцето. Секако без гаргарање. Подоцна може да му се навратите на виното да го дегустирате. Во меѓувреме може да ја погледнете програмата за винските предавања како не би се лепеле до некој професор да му го прислушкувате муабетот, со што ќе го избегнете моментот "разбрал не доразбрал". H2O Погледнете наоколу сигурно ќе најдете водна "станица" каде може да се снабдите со едно шишенце вода кое ќе ви се наоѓа повремено да ја исплакнете устата при дегустациите. Сега сте спремни за винска дегустација ама кој пат да се фати ? ВИНА Основно правило е да се изврти салонот најмалку два пати. И тоа во првиот круг, пенливи бели и розе вина, бели овошни вина, бели барици и розеа. Втор круг црвени овошни и црвени барик вина, завршуваќи со десерт. Мислам, како што е редот, нели ? Не заборавајте да го плукате виното ! Бидејќи тешко ќе се одлепите од првиот штанд, а на вториот ќе биде повикај пријател, (да те однесе дома). Сепак се ова вина од Југот и шармот е проткаен со висок алкохол. Немате време за сите вина. Дојдени сте да уживате во 10на вина и барате со поглед лик кој ќе ви даде неколку препораки ? Еве ја мојата На секој настан има винарници со докажан квалитет и нивните штандови јас ги нарекувам репер точки и точки за уживање. Често им се навраќам да се "баждарам" или да одморам уживајќи во врвните вина. Тоа се, претпоставувате веќе, Ткивеш, Камник, Бовин, Стоби ... Да не ги редам членките на успешното здружение Вина од Македонија. Кај нив не приметив некој новитети што веќе не сум ги коментирал па ќе ги иземам од коментар нивните вина со топла препорака да ги посетите за уживање и доколку се охрабрите да нурнете во истражување на вината од салонот нека ви бидат репер за висок квалитет. Ова ви е навистина неопходно бидејќи ќе пробате се и сешто. Шо има ново ? Јас: Добар. Иако не ме праша како сум ама се подразбира дека се е по старо. Тој/Таа/Тоа: За вината те прашувам. Има нешто ? Јас: Ене онде има винарница Ерос, со интересна Темјаника ноќна берба. Тој/Таа/Тоа: Да не крадено ? Смеа до солзи ! Ерос понуди интересен концепт, кој верувам за многумина е непознат, иако моделот веќе со децени се применува на Санторини кај вината Nykteri (ноќно вино). Имено тоа се вина за кои грозјето се бере исклучиво ноќе (во своето лозје). Предноста е што се избегнуваат високите температури кои за време на бербата влијаат на квалитетот на грозјето. Ваквиот начин допринесува вината да ги зачуваат ароматските карактеристики на сортата и покажат повисок квалитет. Па така и темјаниката на Ерос е со висок ароматски интензитет, за жал со не толку складно непце, кое е дури лесно танинично и потсетува на портокаловите вина. Сепак, би го поддржал "романтичниот" концепт и некако би можеле да ја вклопиме како некоја гастро Темјаника која убаво би се впарила со посериозни "пердувести" оброци. Бади срамежива на нос безимена купажа од Семилион и Белан, која нуди убав баланс на непцето и освежувачка киселина. Вино за газдата, само 100 шишиња. Нема да го види светлото на пазарот па згодна прилика да се проба. Јас: Попови Шардоне Тој, Таа, Тоа : Шо бе црковно ? Повторно смеа Попови е винарница од тиквешијата на семејството Попов. Понуди Шардоне со интензивна сортна ароматика од учебник. Суво и сочно, освежувачки складно непце со средно кон полно тело. Внимавајте со количината, виново крие фамозни 15% алкохол, или што би рекле добро интегриран алкохол. Од таа причина ми го привлече вниманието колку е складно спакувано со одличен баланс. Јас: Го проба розето на Брзанов ? Тој, Таа, Тоа : Тоа мора да е гарант како српски Вранец. Јас: Мислам дека е појак и од него. Сооолзи ! Брзанов добро познатата "творница" на набилдани вина, во кои имате од се во изобилие и некако зачудувачки вешто спакувани во добар баланс. Сепак реши да исфрли розе вино и тоа од сортата Прокупец. Покрај прекрасната боја која плени, ова розе (лабав кларет) нуди убава овошност на нос и освежувачко хармонично непце. Лесно ќе го најде патот до винските карти спарувајќи го со широк опсег на храна. Веројатно тоа и му била поентата на креаторот. Картал (Wine Brothers), морам да признаам дека последниве две години го заобиколував нивниот штанд бидејќи буквално ми го пресушуваше непцето со екстремно рапавите танини. После тоа можев да ставам буквално бетон во устата и ништо да не осетам. Но, како се ближеше крајот на првата вечер од Винодонија, собрав храброст да ги посетам. И не згрешив, евидентен е напредокот. Рипнете ги белите и одете директ на: Мерло 2018, Вранец 2015 и Вранец (bonbonnière) 2018. Последното вино е буквално на нос како да отварате бомбоњера со гриоти, а на непце одлично оцртан вкус на супер концентриран освежителен свежо исцеден сок од калинка. Ph После секоја исцрпна винска дегустација едно штуц пиво за добар сон и порамнување на киселините. Доколку сакате да го откриете светот на виното ви се ближат две обуки. Повеќе во продолжение. На здравје ! 11 Декември 2019 повеќе 13 - 15 Декември 2019 повеќе
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |