Како што готвачот или популарно наречен 'шеф' (chef) има своја кутија со зачини, така винарот во својата кутија со зачини го има Petit Verdot. Petit Verdot - јас уште би го нарекол 'Руско Појачало', поради максималните карактеристики кои ги носи со себе, мислејќи на оние гитарски засилувачи на времето што ги правеа некаде во СССР, на кои немаше вградено потенциометар за постепено да се зголеми силата на звукот, туку само прекинувач, или работи на максимум или не работи воопшто. Иако доста моќно и не балансирано звучи, сепак Пети Вердо сортните вина се пријатни за конзумација. Оваа сорта е една од петте дозволени, традиционални, класични вински сорти, која се користи во Бордо вината претежно од левиот брег на реката Жирон. Неговото учество во Бордо купажата е мала но значајна, ајде да кажеме зачинска. Со неговото додавање во купажите ја зголемува концентрацијата на овошни ноти и танините, бојата се подобрува како и комплексноста на виното со дополнителните флорални и зачински ноти. Во Бордо, лозовите насади од оваа сорта се знатно намалени, поради задоцнетото зреење како резултат на тамошните климатски услови. Одлични резултати се добиваат во потоплите региони каде Пети Вердо целосно созрева, како што се Аргентина и Австралија на пример. Кај нас во Македонија очигледно одговараат климатските услови со што имаме привилегија да уживаме во полното светло на сортата. Кога велам Вердо мислам на 100% Petit Verdot вината, и тие задолжително се зреат во дабови буриња со цел да се омекнат и заокружат острите танини. Stobi Verdot Private Reserve 2012 - се одликува со исклучително темна рубин боја, концентрирана до работ, со густи солзи. На нос средно-висок интензитет на ароми што потсеќаат на слива, боровница и црна цреша преплетени со цветни ароми на лаванда, како и траги од јоргован и жалфија, зачински тонови особено изразена ванила, бибер. Вино во развој. На вкус е суво, вибрантно со зрели танинини, топол, не упадлив но сепак висок алкохол, полно тело, со средно-висок интензитет на зрело развиено овошје, цреша, црна рибизла, слива во задниот дел, ванила, јаткасти плодови, бадем, сочно со фина талк текстура што ја обложува устата од зрелите танини, добро избалансирано со долг финиш.
И покрај тоа што производителот одредил нешто пониска продажна цена за квалитетот што го нуди, ова е многу добро вино, еве и зошто: Комплексност од повеќе ароматски групи, висока концентрација на зрело овошје, танини и алкохол, добро интегрирани, во добар бланс каде што е тешко да се најде замeрка дека некој елемент се истакнува повеќе од останатите, долг финиш, експресивноста е клучот кај ова вино што го двои од само добро вино. Може да се конзумира сега но има потенцијал кон понатамошно зреење, поради виоската концентација на овошје, танини и киселини. Со дополнително зреење во шише ќе се зголеми комплексноста на аромите, танините дополнително ќе омекнат со што ќе добиеме добар представник на својата група. Ова вино можете да го пронајдете на нашата е-продавница, кликнете тука
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |