По се изгледа дека темјаниката на винаријата Венец од Дисан го ниша кровот на светските мускатни вина. Потврда за тоа дадоа реномираните судии на престижното декантерово оценување годинава (2018), оценувајќи го токму ова вино со високи 94 поени. Токму таа висока оценка ми го привлече вниманието, особено знаејќи дека станува збор за сорта чиј стил на суво вино со интензивна ароматика не е баш на врвот на листата кај винските авторитети. Имено во винските кругови мускатните вина со поголемо количество остаточен шеќер, полуслатки или слатки, независно дали се мирни, пенливи или зајакнати се стилови многу поблиски до мускатната група, за разлика од сувата варијанта. Секако, постојат исклучоци, а македонскиот вински регион полека се идентификува како уникатен произведувајќи квалитетни суви, свежи, ароматични бели вина од најквалитетната и високо ценета сорта кај групата мускати, Muscat Blanc à Petits Grains (скратено Бел Мускат - Muscat Blanc) или по нашки Темјаника. Тоа не е ниту од далеку исто или близу до инфериорните Мускат Отонел (Muscat Ottonel) или Мускат од Александрија (Muscat of Alexandria). Често можете за темјаниката да го сретнете синонимот кој се однесува на Белиот Мускат, Мускат од Фронтињан (Muscat of Frontignan), но тој синоним во винскиот свет се користи исклучиво за природно слатките вина од тој регион, или во групата слатки вина под кратенката VDN (Vin Doux Naturel). Како и да е, она што е кај нас секојдневие во однос на темјаниката по се изгледа дека е нов потенцијален светски вински тренд, особено со интензивирањето на сличниот стил во францускиот регион Languedoc-Roussillon. Истражувајќи ги резултатите од оценувањата на декантеровиот вински натпревар лесно може да се заклучи дека темјаниката на винаријата Венец е оценета со убедливо највисока оцена во однос на сите стилови мускатни вина во светот кои се пријавиле на овој познат интернационален натпревар. Да биде целата приказна повеќе интересна оваа темјаника доаѓа од под-регионот Дисан кој е многу повеќе познат по високо квалитетните моќни црвени вина од сортите Вранец и Кратошија. Жедта мораше да се згасне ! Два телефонски повика, еден до креаторот на награденото вино, главниот енолог на винаријата Венец Дисан, Кире Ристов и втор до "винско око" Васил Буралиев - Баџото задолжен за фотографиите, и ете не ... ,,, Жешко ама се дише, селото Долни Дисан позиционирано да ја акумулира сета сончева енергија во светот, некако заглавено помеѓу прекрасните ридчиња врз кој е послан патчворк од лозја. На самиот влез во селото л'шти нова деловна зграда и модерна визба на винаријата Венец, а пред неа ведро насмеано лице на нашиот домаќин Кире, и ми текнува на народната: "лош човек не може да направи добро вино", а по расположението на Кире кога јас би оценувал, 94 бода би биле малку. Тргнавме да се запознаеме со наградената Темјаника, а не дочека повеќе од солидно винско портфолио на винаријата Венец. Винарија која со сигурност го засилува македонскиот вински регион и за чии вина допрва ќе слушаме. Она што би можел да одвојам е освежителното автентично розе од Мерло со невообичаени пирезински ароми повеќе карактеристични за белиот Совињон, ароматичниот Гевурцтраминер во алзашки стил од засебен дел на лозјето, одличен овошно зачински Сира и комплексен и моќен Вранец од тероарот Орле со голем потенцијал за големо вино. Искрено, пред да ја посетам винаријата ме зачуди зошто по мене големиот успех на наградената Темјаника која патем доаѓа од автентичната микролокација Корија, е толку слабо комунициран маркетиншки. Но кога ги слушнав плановите на винаријата, ги вкусив останатите вина и се запознав со винарската скромност, ми стана јасно дека на тоа во Венец гледаат само како признание дека се на вистински пат.
Овој пат нема да ви ја опишувам темјаниката на Венец, ќе оставам вие да ја пробате и да ги откриете атрибутите кои го позиционираа ова вино на самиот светски врв, помеѓу своите сортни врсници. Уживањето што јас го најдов е само потврда за заслужената награда, вино по мостра на Новиот Свет проткаено со античка љубов. На здравје ! Venec Temjanka Koria 2017 можете да ја најдете во онлајн продажба тука
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |