Мало парче од македонскиот вински мозаик во кое природата ја истурила сета своја убавина и енергија, а лозовите ластари ги накитила со здрави и едри гроздови. Барово претставува вински под-регион сместен во подножјето на планината Кожуф каде се наоѓаат лозови насади на повеќе микро-локации за кои се смета дека се едни од највисоките на Балканот, лоцирани на отприлика 800 m надморска височина. Под-регионот Барово името го добива по истоименото село од кое на југ се протегаат лозјата низ микролокациите како што се Ѓоноец, Мечкоец и т.н. Лозовите насади се оддалечени од "железната врата" на медитеранот, позната под името Демир Капија, околу десетина километри воздушна линија, што овозможува лесен пробив на медитеранската клима низ долината на реката Бошава. Лозјата гушнати од планината Кожуф на југ и висорамнината Витач на северозапад оформуваат одлична сончева замка што влијае на постигнување полна зрелост на грозјето. Почвата е глинесто-песочна и обезбедува добра дренажа за дождливите години а воедно и доволна влажност во подлабокиот слој важна за сушниот летен период, со оглед дека лозјата не се наводнуваат. Ниското количество на нутриенти пак влијае на помал род но со повисок квалитет. Намалениот Калиум во почвата влијае на пониско pH во зрелото грозје што во комбинација со климатските услови обезбедува повисоки природни киселини и т.н. Да скратиме, она што ја прави позицијата (тероарот) Барово уникатна е високата надморска височина која обезбедува големи дневни температурни разлики, повисоката концентрација на сончеви зраци и подобра дренажа за разлика од лозјата во низините. Сето тоа влијае на отежнато преживување на виновата лоза и резултира со намален но мошне квалитетен принос кој пак на вината им дава одреден карактер при што неволно ја покажуваат послабата страна. ВВ Тиквеш на локацијата Барово одлгедува сорти кои покрај тоа што дел од нив влeгуваат во "terroir" линијата Барово, останатиот дел се користи за дополнително засилување на квалитетот кај "Special Selection" линијaта. Па така може да се сретнат сортите покрај водечките Вранец и Кратошија, тука се и Р'кацители, белиот Совињон, Гевурцтраминер, белиот Гренаж, Станушина и т.н. Мечкоец е значајна микро локација (лозје) составен дел на под-регионот Барово со југозападна експозиција на која се наоѓа врвното лозје со редуциран принос на Вранец и Кратошија кои ја оформуваат купажата Barovo Red чија берба 2015 се закити со високи 97 поени на декантеровиот вински натпревар. Заедничко за дегустационата вертикала на црвената купажа Барово е карактеристично моќно црвено вино,комплексно но водено од средно интензивна овошна ароматика. На вкус суво, свежо, полно тело, висок добро интегриран алкохол, концентрирано, кадифени зрели танини, долг финиш.
Како особено квалитетни би ги издвоил бербите: моќната и ароматична 2015 со меки и зрели танини како и ароми на свежо црвено и црно овошје, во совршен баланс помеѓу шеќерите и танините од една и киселините и овошноста од друга страна. Комплексно концентрирано вино со долг финиш; како и малку поелегантната варијанта од 2013 со повеќе изразена овошна ароматика и подобар баланс. Тука е и 2017 како купажа со значаен потенцијал да ја замени 2015 во наредните пет години. На здравје ! Barovo Red онлајн продажба тука
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |