"Инспирирано од природата, допрено од билките, исполнето со живот". Така ја опишува винаријата Езимит својата премиум купажа, што ме скокотна да ја вкусам бидејќи токму такви ги замислувам вината од Македонија. Ослободен од предрасудите за големи и мали винарии па сходно тоа време за адекватна посветеност, може да се забележи дека навистина е вложено внимание и љубов за креирање на ова вино уште пред да го вкусите. Уникатна форма на шише која на момент потсетува на анфора, запечатено со восок под кој се крие квалитетна тапа од француската компанија Дием. Рељефна етиката чии контури барем мене ме асоцираат на прецизна топографска локација со што се наговестува потеклото на виното кое мирно чека да се запознаеме. Микро локација (Terroir) Тера Македоника доаѓа од овчеполското виногорје кое важи за исклучитено еколошко здрава средина. Неколку посебно одбрани делови од лозјето позиционирано на тероарот Балабаница се почетната точка на ова вино. Ридест предел каде на висина од 350-450 метри надморска височина се одбрани само неколку парцели од кои засебно се произведува вино наменето за купажата Тера Македоника. Приносот кај селектираните парцели е високо редуциран, помеѓу 3-4 t/ha и наговестува висок квалитет, но и повисока цена. Самиот тероар е во влијание на континентално-медитеранската клима, изложено на големи дневни температурни разлики кои обезбедуваат фенолна зрелост и задржување на киселините. Јужната орјентација и дневините проветрувања ја намалуваат употребата на фунгициди со што се добива природно здраво грозје. Почва песокливо-глинеста, чии вина главно резултираат со умерена ароматика. Визба (Winery) Секој грозд и секое зрно засебно се селектира пред да се продолжи со понатамошните процеси. Ферментацијата и зреењето се засебни од секоја одбрана парцела. Зреењето се врши во американски дабови буриња 18 месеци и дополнително 12 месеци во шише пред да се лансира на пазарот. Инфузирањето на лековити локални билки во вината е нешто што била честа пракса во античкото производство на вино со таа разлика што тоа денес се изведува суптилно во насока да се надополни експресијата на тероарот и повика на долгата винарската традиција. Секое од тие веќе готови вина пред да се купажираат поминуваат низ уште една селекција при што се селектираат бочвите со исклучиво најквалитеното вино кое заслужува да влезе во кувето Тера Македоника. Купажа (Cuvée) Тера Македоника е ретка купажа [Vranec - Merlot - Syrah] во која доминира Вранецот со нешто преку 50% и ја оформува цврстата структура или скелетот на ова вино, додека мерлото е месото на тој скелет допринесувајќи со фина текстура и сочна овошност. Сирато пак игра комплементарна улога како во структурата така и во текстурата, а при тоа ја зголемува и ароматската комплексност со неговите карактеристични зачински ноти. Вино (Wine)
По се ова претходно наведено, пред мене треба да стои едно сериозно шише вино, резултат на повеќегодишно истражување и вложување. Вино кое е лична карта на винаријата и локацијата, па да видиме ... Terra Makedonika 2012 - е дефинитивно вино кое заслужува внимание. Уште на почетокот со неговата темна рубин боја и минимална но сепак забележителна транспарентност наговестува дека покрај моќта има и нешто друго да понуди. На нос комплексно со среден интензитет, водено од овошни ароми но не џемести и досадни туку свежи и зрели, без траги на терцијални ноти и покрај тоа што тера шеста година. Цреша, капина, калинка следена од суптилни ноти на ванила, печен тост, даб и нежни тешко приметливи лесно инхалирачки ноти на билки за кој навистина треба да се потрудите да ги детектирате. На вкус суво со освежителна киселост, зрели кадифени танини и одлично интегриран висок алкохол. Средно кон висок интензитет на вкус воден од црвено овошје во одличен баланс со киселините и танините кој дава сочност на вистинска калинка следена со вкус на зрела вишна и не презреана цреша. Долг и комлексен финиш. Вино кое зрачи со смиреност и хармонија, добро оцртани овошни контури, во исто време моќно и елегантно. Може да се заклучи дека покрај афинитетот кој го поседува за понатамошно зреење веќе е на самиот врв за конзумација иако во годините што следат ќе се зголеми комплексноста на сметка на интензитетот на овошноста, која и онака ја има на претек. Тера Македоника може да ја најдете во онлајн продажба на eBar.mk
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |