Дали шпанското национално благо, винската сорта Tempranillo, после долгиот пат од Rioja и Navarra се смести удобно во нашата вардарска долина? Судејќи според вината, како да е со векови тука помеѓу нас, нo сепак не е ... од неодамна е на нашата почва, во нашите лозја, и можеме да бидеме задоволни бидејќи добро се снаоѓа таму. Ви го претставувам Темпранијо Резерва на бутик винаријата Брзанов, но пред да го прокоментирам ова исклучително вино сакам да ве запознаам многу поблиску со самата сорта Името на оваа шпанска сорта доаѓа од зборот temprano што во превод значи "рано" и асоцира на афинитетот на сортата за рано зреење, За родно место на Темпранијо се сметаат двете шпански провинции Риоха и Навара кои се наоѓаат во северниот дел на Шпанија во подножјето на Пиринеите. Дефинитивно прекрасен предел со развиен вински туризам кој има потенцијал да угости орди вљубеници во виното. Не е тајна дека извесен период француските винари од Бордо го користеле грозјето од Риоха и Навара во период кога болеста Филоксера се ширела низ Франција. Некој дури и се преселиле и отвориле свои винарии во тие области, како што е винаријата (денес и вински хотел) на Marques de Riscal. Една од причините што толку лесно го прифатиле Французите Темпранијото е неговата сличност со Каберне Совињонот како и неговата улога во купажите. Сортата до пред некоја деценија беше прилично затворена и не позната на широката винска публика надвор од Шпанија, некаде кон крајот на 80те почнува да се интернационализира и станува симбол за шпанска винска сорта. Покрај Шпанија клучна улога има и во Португалија во регионот Douro (Дoуро) каде што е позната под името Tinta Roriz (Чинта Рорис) како и во Италија - Тоскана каде е позната под името Malvasia Nera (Малвазија Нера). Tempranillo Reserva 2012 на винаријата Брзанов доаѓа од лозови насади на висина од 600 m надморска височина, чии принос е 8-9000 kg/ha. Виното е зреено 18 месеци во нови 225 l дабови буриња. Произведено е во лимитирана серија од 900 шишиња, етикетата е изработка на уметникот Ване Костуранов, а виното е изработка на другиот, само овој е вински "уметник" Антонио Брзанов. Ова вино со неговата не толку темна рубин боја уште на прв поглед плени и наговестува ароми на црвено овошје. Така и е , на мирис веднаш во прв налет со повисок интензитет имате прекрасна комбинација од зрела цреша и ванила, дoдека со послаб интензитет се ароми на топли слатки зачини, што го прави комплексно, како и кафе, кожа ... има некаква машкост во аромите на ова вино, можеби од таму доаѓа асоцијацијата на кожа.
На вкус е повеќе вкусно отколку слатко, во исто време сочно со изразени зрели танини, овошно, полна уста зрели црвени цреши чија кожа пука во устата, ме потсети на детството кога ќе ги наполневме устите со цреши и пробувавме да кажеме нешто низ смеа, хармонично во солиден баланс, полно тело и долг финиш на чоколадо што те повикува да земеш уште една голтка. Секако ова артисан-вино вреди да се проба, за нарачка послужете се со линкот подолу: www.ebar.mk/brzanov-tempranillo
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |