Сеуште не можам да ги разберам оние вински 'мачо' ликови кои водени од некакви принципи, често заглавени помеѓу еден до два светски вински региони и триесетина етикети, за кои да се изговорат правилно треба сериозна вратоломија да направиш со јазикот а при тоа да не се задушиш, како на прва ги отфрлаат 'фортифицираните' вина, наводно тоа било вино за почетници, како веднаш требало да си ја врзеш чалмата да не ја чекаш утринската главоболка. Не е се во танините, сепак не сме глодари, магијата на виното е во неговиот карактер да го изрази неговото потекло, балансот, хармонијата на аромите и вкусовите а кај 'фортифицираните' вина ги има навистина многу. Ви ја претставувам нашата зајакната слатка 'фаланга', она што недостасува во повеќето угостителско-хотелски објекти на крајот од менито или винската карта, а по крајот се познава делото (некој рекол). 'Фортифицирани' вина (fortified wines) - во војнички жаргон толкувано, утврдени, засилени, зајакнати вина или да поедноставам, вина кај кои во текот на производството се додава алкохол што резултира во вина што содржат високо количество остаточен шеќер, алкохол и прекрасни концентрирани комплексни ароми и вкусови. Често ваквите вина се врзуваат со Порто - Португалија и приказната која датира од седумнаесетиот век, кога почнале да додаваат алкохол во својство на конзерванс за време на ферментацијата на вината со цел истите да ги издржат долгите бродски патувања на британските трговци со вино. Велат ваквите вина биле создадени од Британците за Британците. Точно е дека главен пазар на ваквите вина бил и до некаде се уште е Англија, како што е точно и дека поголемиот дел од винариите во Порто, Херез и Мадеира носат Британско презиме, сепак ваквиот начин на производство е патентиран четири века порано, веќе претпоставувате каде, Vive la France! Патент на каталонскиот алхемичар Arnaud de Villeneuve на универзитетот на Montpellier, патент одобрен од кралот на Majorca тогашниот владетел на Roussillon - Франција. Тоа што не сме познати по фортифицирани вина не значи дека не треба да ги произведуваме, особено кога делиме во еден дел (Douro Superior), слични климатски и почвени услови. Дали знаевте дека дел од Повардарието лежи на 41_та паралела на која се наоѓа и долината Douro со Vila Nova de Gaia-Oporto, центарот на порто вината? Можеби е тоа само знак?! Како и да е, го поздравувам чекорот на винаријата Имако да произведе не едно туку три фортифицирани вина и тоа: Muscat White - бело Мускатно грозје од доцна берба, со цел да се зголеми концентрацијата на мускатни ароми како и количината шеќер. Закајнато со алкохол до 16% abv за време на ферментација, зреено во стари дабови буриња, иако може да биде и во иноксни садови со што се потенцира овошноста. Карактеристични ароми на бели рози, портокал, сува кајсија, мед. Се конзумира разладено на 8-10 C, а во летните топли вечери одлично освежува и со коцка мраз. Интересна е слатко-солената комбинација со плаво сирење, но може да се упари и со овошје или десерт, каде треба генерално да се внимава кај сите слатки вина, виното секогаш да е барем за малку послатко од десертот. Port Wine - купажа од повеќе бели сорти грозје од доцна берба. Зајакнато при ферментација до 17% abv. Зреено во стари дабови буриња и мадеиризирано по 'Canterio' метод. Интересна комбинација на ретко зреено во буре бело порто и мадеира зајакнато вино. Canterio методот на зреење подразбира виното во стари дабови буриња да е изложено минимум три години на сончева температура (не светлина) со што шеќерите карамелизираат (мадеиризираат) во виното, карактеристично за вината од островот Madeira. Виното има карактеристични ароми на развиено зрело овошје нектарина, кајсија, суво грозје, карамела, траги од јаткасти плодови бадем, лешник. Се конзумира разладено на 10-12 C. Упарено со мус од лешник. Kagor десертните вина се поврзуваат со Молдавија и Украина каде е направена модификација на француските десртни вина од Cahors и наместо сортата Малбек го користат Каберне Совињонот. Ова се вина кај кои се додаваат ароматични некој од нив и лековити билки во фазата позната како elevage. Модификацијата на винаријата Имако е секако со Вранец.
Macedonian Kagor - уникатно зајакнато вино на 16% abv од сортата Вранец, доцна берба. Раскошни ароми на развиено црвено овошје, доминантна вишна, брусница, суптилни ароми на чоколадо, гриота, преплетнеи хербални ноти на ароматични билки, мајчина душица, бозел, нане Се конзумира разладено на 12-14 C, совршено упарување со чоколаден десерт. Познато е дека интересните нешта се производ на поединецот, меѓутоа големите нешта се достигнуваат како плод на взаемна соработка. Така е и со храната и виното, во потрага по совршениот пар и големите нешта ги упарив вината со десертите на Pastel, пробајте и вие. Вината можете да ги најдете на следниот линк: www.ebar.mk/Imako
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |