Ја сакам пролетта. Ја сакам на некој посебен начин. Не можам да кажам повеќе од останатите годишни времиња, би наликувало како од четири деца едно да двојам. Сепак изобилството на цветни и овошни мириси во изворна форма ја прави пролетта згодна прилика да се освежат бледите зимски сеќавања на нив, и нека не ве изненади ако ме сретнете како душкам наоколу како некое ловџиско куче. Можеби понекогаш сум конзервативен и старомоден лик кога се во прашање винските сорти и покрај тоа што сакам да пробам се што е врзано со вината, но кога треба да бирам во кое бело вино сакам да уживам, се буди опортунизмот во мене, газам на сигурно и бирам Chardonnay. Шардоне (Chardonnay) - Сè уште многу популарна, сестрана и на широко одгледувана интернационална бела винска сорта, способна да даде од просечни до вина со кралски сјај. ДНК истражувањата кажуваат дека Шардонето е резултат на природното вкрстување помеѓу сортите Пино и Белина Дробна (Хрватска) односно (Pinot x Gouais Blanc). Потeкнува од Франција поточно областа помеѓу Лион и Дижон наречена уште Сон-е-Лоар (Saône-et-Loire). Најдобрите примероци доаѓаат од Златните Падини (Côte d’Or) или поточно од највиско рангираните (Grand Cru) лозја лоцирани на Падините на Бун (Côte de Beaune). Генерално шардоне вината можеме да ги сретнеме во различни стилови, од мирни суви до десертни вина, како и пенливи купажи или сортни пенливи (blanc-de-blanc) вина. Во однос пак на начинот на зреење, грубо неофицијално можеме да ги поделиме на шардоне вина кои зреат пократок период во иноксни садови и се вибрантни, лесни, едноставни, овошни, со лесно-средно тело и шардоне вина кои зреат во барик (barrique) дабови буриња од 225 l (Bordеaux) или 228 l (Burgundy) од кои се добива шардоне вино, раскошно со комплексни ароми, заокружено, полно тело, долг послевкус ... Треба да се има предвид дека не секоја винска сорта има бенефит од зреење во дабово буре. Sauvignon Blanc и Chardonnay дефинитивно имаат. Иако кај нас се потенцира дека виното е одлежано во буре со истакнување на етикетата како 'Barrique' или 'Barrel Fermented' (ова второто има и друго значење) што сметам дека е непотребно, кај вината од познатите региони ретко ќе сретнете такви ознаки, а кај премиум вината како и кај бургундиското шардоне, никогаш, бидејќи би требало на секоја етикета да биде истакнато, со тоа таа информација станува излишна. И не е само дабот суровина од која се произведуваат винските буриња, тука се и црешата, дудинката, јасенот, костенот. багремот ... Но да ги отркаламе бурињата на страна и да ѕирнеме какво Шардоне неодамна лансира винаријата Стоби. Stobi Acacia Private Reserve 2013 - бистра златна боја, вискозно на провртување. Интензивни комплексни ароми, прв слој со невообичаено висока овошност, цитрусни ароми со доминантна нота на свежо нарендана лимунова кора, надополнето со ароми на ананас, зелено јаболко, зелена праска, втор слој не помалку интензивен, путерести ноти, ванила, свежо тесто, трет слој траги од цветнa аромa на јасмин. На вкус суво, вибрантно, топол добро интегриран алкохол, полно тело, вкусот во целост го прати мирисот дури и во интензитетот, прекрасна креместа текстура, многу добар овошен, сочен и хармоничен баланс, долг финиш. Многу добро вино, поради комплексните ароми, невообичаено истакнати (задржани) примарни овошни ароми во комбинација со секундарните путерести ароми. Како и во многу добар структурален баланс со алкохолот. Одлична за нијанса полесна текстура, дефинитивно комбинацијата даб-багрем ја завршил својата работа. Долгиот финиш е уште една компонента која оди во прилог на заклучокот.
Може да се конзумира веднаш но има потенцијал кон дополнително зреење, како резултат на структуралните компоненти. Може да се очекува дека овошноста ќе се намали што во случајов може да се каже дека ќе дојде на вообичаено ниво, секундарните ароми ќе бидат за нијанса изразени а воедно ќе се развијат и терцијални ароми на јаткасти плодови, сено, мед ... со што ќе се зголеми комплесноста на виното. Информација за цена и нарачка на следниот линк: eBar-stobi-acacia-chardonnay
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |