Полека но сигурно, без преголеми очекувања и сеуште во зоната на истражување за извлекување максимум од автохтоната ни сорта Станушина, винаријата Попова Кула со огромна љубов и ентузијазам обезбеди неколку стила на вина од неа, и продолжува да работи на нејзиното афирмирање. Љубителите на вино во регионот со симпатии кон оваа сорта и дадоа прекар "Македонско Девојче", но дали е тоа доволно ? Имам чувство дека многу малку се придава значење на оваа винска сорта, освен што, да, по заслуга на Попова Кула и уште две три помали винарници, сега веќе можеме да кажеме дека Македонија има вино од своја автохтона сорта грозје, а патем се молиме да не не потпрашаат нешто подлабоко за неа бидејќи генерално многу малку знаеме за Станушината. Она што не оди во прилог на промовирање на оваа сорта е што често кога ќе се побара мислење од винските познавачи недостасува жарот во одговорот, не светнуваат очите ниту пак се будат пеперутките во стомакот, како што е случај кај Вранецот, туку одговорот е најчесто промрморен. Е да, тоа е нашето "Македонско Девојче", нема мускули, ниту брада и мустаќи, ниту пак дивее нескротливо со бујната "грива" , туку е стројна, лична, елегантна и мирисна, со своите флорални ароми е навистина "китка шарена". Иако некој веќе сметаат дека сме вински регион наздравувајќи со чашка ракија и удирајќи се во градите, и тоа многу одамна, не ја согледуваат пошироката слика на модерното винарство, патот кон нашата препознатливост и автентичност во светот на виното, сепак треба да сме свесни дека поголемиот дел вински региони ги карактеризираат обично и неколку локални или автохтони сорти грозје. Во таа насока она што пионерски го направи Попова Кула нашиот пазар треба конечно да го препознае и имплементира. Тоа подразбира вклучување на Станушината во винските карти на сите "премиум" ресторани, особено во туристичките места како и поголемиот дел останати угостителски објекти. "Винскиот" ни автопат А1 кој е дел од европскиот Е75, изобилува со винарски визби кои се повеќе се ангажираат на полето на винскиот туризам, воедно претставуваат идеални вински оази за афирмирање на оваа сорта. Секако подршката на државата во промовирање на македонското модерно лозарство и винарство е неизоставен дел, како и едукацијата за правилно и точно претставување на нашата втора извозна култура. Како дел од афирмирањето на оваа автохтона сорта, ве информирам дека во склоп на скопскиот вински салон - Винодонија 2017 ќе се одржи предавање на тема Станушина водено од ценетиот Проф. Д-р Климе Беле. Бело вино од црно грозје
Не е некое научно достигнување, ниту пак нешто што не се практикува ширум светот, меѓутоа треба да се има предвид дека е технолошки напорно и не секоја сорта грозје има потенцијал за такво нешто а при тоа да даде добри резултати. Она што го понуди Попова Кула преку Станушина Бела е секако за повеќе од поздрав. Во ова вино нема да ги најдете карактеристичните овошни ароми на црвено овошје водено од аромите на малина, дренки ... како кај црвената Станушина. Забележливи се не толку интензивни, помалку срамежливи ноти на цитрусно и коскесто овошје, преплетени со пролетни цветни ароми налик на раскошно расцутен овоштарник. На вкус е суво и забележително свежо, зрел лимонов сок, зелена слива, лозарска не дозреана праска, во складна хармонија и добар баланс, послевкусот е со среден интензитет пратејќи ја овошноста надополнета со многу лесна скоро неприметлива нота на семка од кајсија со што ја надополнува комплексноста на ова вино. Иако кај пониските температури на сервирање се намалува интензитетот на аромите сепак би препорачал 8-10 °C . Одлична придружба на зелени свежи салати, млади сирења, школки, бела риба, тестенини или лесно пилешко без интензивни зачини. За сега белата варијанта на Станушина се произведува во лимитирани количини, околу 700 примероци, поради што тешко се наоѓа на пазарот.
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |