Велат дека бургундиските вина ве предизвикуваат да размислувате на 'откачени' нешта, бордо вината пак ве тераат да зборувате за тоа, додека пенливите вина, едноставно ве поттикнуваат да ги направите тие нешта. Звучи примамливо, во суштина во тоа се сведува магијата која е обично во зоната помеѓу првото и второто шише, дружба, добро расположение, смеа, позитивни емоции ... Чука ли Камник на вратата од винскиот рај со нивното ново пенливо вино? Би можело да се каже дека е смел чекор, иако покажаа дека смелоста и не е нешто што му недостасува на Камник, сепак нашиот пазар интересот за пенливи вина за сега го гледа само низ тапата, која подалеку ќе летне. Како и да е, за поздрав е нивниот производ, иако не се први што пробале, има индиции да бидат први што ќе успеат, секако на општо задоволство на винските вљубеници. Да ги прочитаме тие неколку збора што се на етикетата па да нурнеме во чашата во потрага по она за што лудуваат љубителите на пенливите вина. Chateau Kamnik-Spark-blanc de blanc-brut-2010, е пенливо вино добиено по традиционална метода (Méthode Champenoise или Méthode Traditionnelle), која кај ова вино трае повеќе од 4 години. Самиот метод на производство е прилично скап процес и во ништо не се разликува од производството на светски познатите шампањци. Секако тоа не ни дозволува официјално да го нарекуваме шампањ, меѓутоа меѓу нас кажано, ако излеземе од сомелиерските стеги и за ова вино ни се испушти 'шампањ' нема да биде некоја голема грешка, затоа што во суштина тоа и до некаде е. Читаме понатаму, (blanc de blanc) укажува дека е добиен од 100% Шардоне, (brut) пак ни дава информација за стилот или поточно количината остаточен шеќер (види слика подолу). 2010 - година на берба, го става ова вино во групата vintage пенливи вина, која сама по себе е група на поскапи вина и генерално се вреднува повеќе од non vintage (NV) вината кои пак може да се сретнат како дел од портфолиото на светски познатите шампањ куќи.
Spark 2010 - пенливо вино со бледо златна боја, добро оформени постојани меучиња, средно интензивни примарни цитрусни и ароми на зелено и тропско овошје, лимунов сок, зелено јаболко, ананас, преплетени со секундарни автолитички ароми на свежо тесто, квасци, путерести ноти, вино во развој. На вкус, свежо, вибрантно со истакнати секундарни и суптилни овошни ароми, средно заокружено тело, кремасто пенливо, средно долг финиш на путерест послевкус со битеркаст тон во финишот. Многу добро пенливо вино, поради истакнатите карактеристични овошни ноти на blanc de blanc вината како и солидната концентрација на автолитичните ароми како резултат од традиционалната метода на производство. Може да се конзумира веднаш, но има потенцијал од понатамошно зреење, поради високите киселини како и поради продолжената реакција помеѓу шеќерот и протеините од автолизата што води кон развивање на дополнителни комплексни ароми на бисквит, орев, мед ... За нарачка на ова вино кликнете тука
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |