Победникот од Global Pinot Grigio Masters - London 2018 од скоро е присутен на македонскиот пазар. На страна од коментарите на тие што држат до себе како вистински познавачи на вина , дека генерално не значат многу наградите од светските натпревари, сепак во повеќе прилики се покажаа како добри препораки, а воедно и добар двигател за развојот на винската индустрија. Победникот на овогодишниот натпревар Global Pinot Grigio Masters организиран од престижниот магазин Drinks Business доаѓа од североисточниот дел на Словенија, вински регион познат под името Подравина. Под-регионот е воедно познат по своите живописни ридчиња, варовничко - глинеста почва и умерена континентална клима со мирен и сончев период во периодот на зреењето. Аспекти кои обезбедуваат полна зрелост, ја задржуваат свежината и импутираат одредена минералност во вината. Пуклавец Семејни Вина е производител на ова вино чие грозје доаѓа од најдобрите лозја во регионот, дел од проектот "Седум Броја", по кој е наречена линијата Seven Numbers. Имено одбрани се седум најдобри парцели од каде секоја поединечно одговара на една од седумте сорти. Па така од парцелата бр. 3 доаѓа најдобриот Сив Пино. Селектирање на адекватни парцели за одредена сорта не е ништо ново, меѓутоа треба да се знае дека посветеноста на тие микро-позиции е огромна и уникатна, што често возвраќа со феноменални резултати. Pinot Grigio Seven Numbers Puklavec Family Wines 2016 - уникатно вино кое не можеме да го ставиме во групата на италијанскиот "Grigio" (Гриџо) , ниту пак во францускиот или алзашки "Gris" (Гри). Ова вино претставува една префинета и уникатна комбинација од двете. Атрактивно бледо златна боја со бакарно-розеникав одсјај. На нос комплексни ароми кои асоцираат на одредена кремавост, водени од зрели ароми на нектарина, јаболко, следено со нежни ноти на јаткасти плодови (орев) и чад, ароми со среден интензитет. На вкус во воведот нуди свежина и до некаде едноставност на "Гриџо" за да веднаш потоа почне да го покажува својот раскош на вкусови, пополно но сепак средно тело со добро интегриран висок алкохол карактеристично за алзашкиот "Гри". Самиот концентриран комплексен вкус укажува на редуциран и квалитетен принос, со прекрасна кремавост, зрела овошност и одреден салинитет кој импутира минералност во едноставната завршница. Сметам дека не би згешил ако овој стил го окарактеризирам како поблизок до Шабли (Chablis) стилот иако не станува збор за сортата Шардоне. За сите љубители на добрата капка, виното е во онлајн продажба на www.eBar.mk
Температура на сервирање: 10 - 12 °C Храна: Морска храна (бела риба, остриги), азиска или некоја друга позачинета храна. На здравје !
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |