Хипстер меѓу вината кој со својата свежина и комплексност воодушевува генерално многу мал но сепак префинет дел од винскиот пазар. Што е Оринџ Вајн (Orange Wine) или во превод Портокалово Вино ? Терминот за овој стил на вина е помалку неадекватен и кај конзументите внесува одредена збунетост. Затоа уште на самиот почеток да расчистиме дека не станува збор за некоја чудна мешавина на црвено и бело вино (патем тоа е забрането кај мирните вина), не е ниту вино мешано со морска трева (или било која друга), а уште помалку вино добиено од портокали. Воедно да се потсетиме дека терминот вино е ексклузивно резервиран за пијалоците (природно обоени) од ферментиран гроздов сок и ниту едно друго овошје. Амен! Според системот на елиминирање ни останува дека Orange Wine е регуларно вино со портокалова боја односно килибарна со портокалови нијанси. За разлика од "турбо-напитоците" со сина или зелена боја налик на вино, кај портокаловите вина бојата е резултат на природен спонтан процес кој ни наговестува одредени информации за виното во насока на тоа какви ароми можеме да очекуваме. Или попрецизно портокаловата боја е резултат на екстрахирање на сложениот органски полимер Лигнин, во случајов складиран во семките од гроздовите зрна. Клучни карактеристики Под терминот Orange Wine се подразбира вино произведено исклучиво од бела винска сорта грозје по технологија за производство на црвено вино. Најчесто се бира сорта со високи киселини па од таму и свежината кај овие вина. Клучен момент во производството е долгата мацерација (контакт на виното со лушпите) која може да трае со недели, месеци па и години. Процесот на производство е мошне природен со минимални или често никакви додатоци (понекогаш ниту култивирани квасци). Вкусот е различен од регуларните бели вина на сметка на богатата комплексност водена од јаткасти плодови како резултат на тенденциозната оксидација. Токму поради тоа може да се каже дека малку наликуваат на Шери вината (Sherry), но сепак им недостасуваат квасочните ароми и неколку градуса повисоко ниво на пријатниот и добро интегриран алкохол. Вкус и мирис Пред да го пробате првото "оринџ вајн" бидете спремни на силен бран комплексни ароми, кои така на куп и не делуваат нешто особено примамливо. Ако знаеме дека еден од индикаторите за квалитет е добрата обележаност на аромите, кај квалитетните "портокаловци" во вториот и третиот налет вашите сетила за мирис ќе ги детектираат како ароми на лешник, бразилско оревче, дрвен лак, ленено масло, кора од портокал, свежо тесто, смрека, оксидирано јаболко, морска трева... мошне, мошне комплексно. На вкус пак свежи, суви, робусни, моќни, танинични со сочен меснат вкус на тропско овошје зачинет со мед, полно тело, главно силно структуирани вина. Токму поради овие невообичаени ароми и вкусови сакајќи да ги одвои од останатите вина, британскиот увозник на вина Дејвид Харви го искова треминот Orange Wine . Од каде трендов и има ли иднина ? Овој начин на производство датира од пред 5000 години п.н.е. во задкавказјето, каде вината ги произведувале во вкопани амфори наречени уште Квеври (qvevri). Слични артефакти се најдени некоја година подоцна и на Сицилија. Преродбата на оваа техника на производство ja започнува Јошко Гравнер во 90те, во својата винарија лоцирана на Горишка Брда. Пикот го достигнува со појавување на пазарот на САД главно помеѓу винските експерти, познавачи и сомелиери. Тешко е веројатно дека овој стил на вина ќе стане дел од винскиот мејнстрим. Портокаловите вина содржат интелектуална и емоционална компонента што повеќето можат да ги препознаат доколку им се обезбеди можност да ги доживеат во вистински амбиент, нешто не се разликува значително од уметничките дела. Нешто за јадење ? Секако! Како моќни вина се идеално друштво на силна сериозна храна. За сомелиерите претставуваат вистински предизвик за впарување со храна, но и продажба, особено дека се невообичаени, танинични и поскапи од останатите бели вина. Генерално овие вина не можат да се пофалат со некаква историја на придружување на одредена традиционална храна, меѓутоа храната едноставно ги сака овие вина. Печурките, сирењата и зеленчукот едноставно пеат покрај чашата исполнета со ова килибарно "нешто". Широкиот опсег на меса, од риба до телешко е следен со леснотија од овие вина. Киселините нежно го чистат непцето од мрсната прекривка, додека пак вкусот останува заробен од кадифените танини во устата. За сомелиерите портокаловото вино претставува вистинска алатка со кое можат олеснето да го продолжат вториот корс доколку за прв имале црвено вино. Силното тело на портокаловите вина, како и напорните танини, успешно го надминуваат богатството кај повеќето црвени вина, воедно овозможуваат повеќе свежина која може без проблем да го олесни и даде светла нота на впарувањето во вториот корс.
Следи дополнителна информација за оринџ вината на Камник и Брзанов кои се во завршнa фаза и се очекува наскоро да се појават во онлајн продажба на www.eBar.mk На здравје !
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |