Винаријата Камник од скоро ja збогати својата понуда а воедно и македонскиот пазар со уште едно вино, Камник Пино Ноар 2015. Задоволството е и кај конзументите кои ќе имаат прилика да уживаат во ова вино што најверојатно го најавува новиот курс на винарија. Ch Kamnik Pinot Noir lot2 2015
Дегустирајќи го виното скоро еден час (една чашка!), на момент се почувствував како да разговараме, како да водам интервју со него. Јас го прашувам а тој ми одговара и тоа на мое воодушевување секогаш различно и прецизно, само со друга арома и друг вкус. Јас упорен да не пропуштам некоја мирисна нота а тој наконтен, напарфемиран, вистински француз, спремен за долги разговори, само исфрла арома по арома . Ова е едно од оние вина кои јас понекогаш ги нарекувам камелеон, затоа што дел од аромите се вешто маскирани а допринесуваат еднакво толку колку и останатите со што ја зголемуваат комплексноста на виното. На изглед, рубин црвената боја со среден интензитет, воденикавите рабови и не толку густата солзеста завеса ме израдуваа кажувајќи ми дека немам некој алкохолизиран грубијан во чашата туку дека овде ќе се разговара за "мода", финеси, елегантност, хармонија ... Она што на прв мирис ќе го почуствувате пред да ја провртите чашата е суптилен мирис на графит и дрво (мирис на молив, како да сака да не испрати во школо да му дораснеме), под кој се крие овошна салата од најразчични црвени и црни шумски бобинки кои пак со првото провртување како да ја разбиваат таа прекривка од графит и дозирано ни се претставуваат секоја поединечно, рибизла, боровинка, капина, шумска јагода, дренка ... постојано пратена со забележителна нишка на ванила и марципан, виолетови цветни тонови магнолија, топли слатки зачински ноти цимет, каранфилче и најава на подзаскриени земјести тонови. На вкус суво, прилично свежо со средно интензивни танини, добро "светнати", висок интензитет на примарни овошни вкусови во насока на малина, вишна, калинка ... и долг овошен завршеток. Ова вино во друштво со парче свежа туна или пропржен на путер црн дроб од гуска ќе ви пружи максимално уживање. Нарачајте онлајн на www.eBar.mk
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |