Кога од бакнежот меѓу внимателно селектираното црвено вино и префинетиот француски даб суптилно ќе замириса на графит, откривајќи ја местоположбата на задскриеното лозје и чувството на винарот и неговите вешти прсти, тогаш виното почнува да чезнее по вашата чаша, а вие знаете дека сте на трага на нешто големо, вино кое ќе го паметите уште долго време. Domaine Lepovo Grand Cuvée 2013, е уште еден производ на познатиот Philippe Cambie и главниот енолог на винаријата Лепово, Marko Stojaković. Виното е купажа од три сортни вина: Вранец, Каберне Совињон и Мерло, во прекрасен баланс, движено од зрели овошни ноти на црна рибизла, капина, црна цреша, преплетени со дискретни зачински ноти на цимет, каранфилче, траги од марципан, бадем и еден несекојдневен мирис на молив - графит, мирис кој ги следи црвените премиум вина, и воедно ја наговестува нивната цена, особено кај првите кру вина од познатите вински дворци од Бордо. На вкус богато, сочно, овошно, со пудрести мошне зрели танини, помаку џеместо но сепак со добро дефинирана свежина и одлично структуирана хармонија, месесто, полно тело и долг сочен завршеток следен од прекрасни комлексни ароми.
Велат дека многу малку ќе остане од овој нектар во неговата родна земја, поголемиот дел е веќе продаден на ино-купец, не знаеме кој и каде ќе се слади со него, но тоа е и најмалку важно, она што е повеќе важно дека сме побогати за уште едно премиум вино кое со право ќе ја храни нашата винска гордост пред странските енофили и познатите светски вина. Вљубениците во виното може да го нарачат на следниот линк: Domaine Lepovo Grand Cuvée 2013
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |