Приказните се составен дел од вината. Колку и да се богати со неодоливо волшебни ароми, слоевити вкусови, носталгични карактери ... доколку недостасува приказната која го прати одреденото вино, многу потежок ќе биде патот на таквото вино до рафтот на славните. Fume Blanc е една успешна приказна, поточно маркетинг приказна, која е родена во САД во доцните шеесети. Период во кој по рафтовите на винските продавници во Калифорнија од увозни вина можеа да се најдат претежно вината од Бордо, некое Шардоне од Бургундија и по неколку италијански традиционално сламени шишиња, прекриени со прашина, на сликата слободно можете да го додадете и полузаспаниот продавач со пивско шише во раката ... Американските Sauvignon Blanc вина беа ретки, прилично аглести, не балансирани, направени често или во пресладок стил или премногу хербални, дури и конзументите тешко го изговараа неговото име. Од тие причини и самата продажба на овие вина страдаше. Денес реноминираната американска винарија "Mondavi", во тоа време по бербите од 1966 и '67 виде згодна прилика да направи нешто од сортата Совињон Бланк, која веќе беше популарна во "стариот свет". Менувајќи го стилот од сладок во сув, немаше да биде доволно да се привлече винската публика, имено на американскиот пазар се наметна потреба да се смени перцепцијата за Совињон Бланк вината. Од тие причини Роберт Мондави (1913 - 2008) сопстврникот на истоимената винарија, инспириран од славниот француски суб-регион Pouilly Fume од каде доаѓаат врвните Совињон Бланк вина, реши да позајми дел од името, со што ќе и даде шанса на американската винска публика да биде ослободена од сугестијата дека станува збор за Совињон Бланк и да го проба нивното ново вино Fume Blanc кое беше всушност сув, свеж Совињон Бланк зреен во дабови буриња, диаметрално спротивно од тоа што се продаваше до тогаш во Америка. И успеаа во тоа ! Fume Blanc стана новото име за Севињон Бланк вината во Америка. Мондави не сакаше да ги задржи авторските права врз името, со што им овозможи на останатите производители да го користат нивното име, без разлика каде и да се наоѓаат во светот. Blanc Fume е пак француски синоним за Совињон Бланк вината кои доаѓаат од областа Blanc Fume de Pouilly која пак е дел од суб-регионот Pouilly-Fume ... Central, Loire Valley ... Blanc Fume вината се свежи, суви, зреени во дабови буриња со карактеристична нота на чад која воедно и претставува главна разлика од денес повеќе славниот американски синоним Fume Blanc. Генерално, под американскиот синоним Fume Blanc нема правило какво вино може да се очекува, што е и логично бидејќи синонимот може да се користи насекаде во светот. Едно е сигурно, виното е добиено од сортата Совињон Бланк. Производителите обично го користат овој термин кога сакаат да укажат, истакнат некоја разлика во стилот од нивните вообичаени Совињон Бланк вина, како што е случај и со Fume Blanc на Chateau Kamnik, кое се разликува во стилот на кој влијае зреењето во дабово буре и продолжениот контакт на виното со талогот, уште познат како "Sur Lie" метода.
Sur Lie - француски термин кој значи "на талог" , техника која се користи со цел да се истакнат примарните овошни ароми, текстурата на виното и комплексноста со вклучување на секундарните автолитички ароми. Често се користи кај вина добиени од сорти со послаби ароматски карактеристики како што се Muscadet вината добиени од сортата Melon de Bоurgogne, каде со апелацијата Muscadet AOC се уредени два временски интервала во кои смее да се одвива sur lie техниката. Fume Blanc Chateau Kamnik 2015 - златно жолта боја со среден интензитет. На нос комплексно, со истакнати ароми на зрело цитрусно и тропско овошје, суптилни хербални ароми како и арома на свежо тесто. На вкус свежо, вибрантно, со скоро неприметно пецкање во устата но сепак присутно, кремаста текстура, хармонично, среднен финиш. www.ebar.mk/kamnik-fume-blanc
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |