Запознајте се со Фиано (Fiano) - винска сорта која ја користеле старите Римјани пред стотици години, забележана под синониммот Апианум (Apianum), етимолошки поврзан со терминот “пчела”, поточно Vitis Apiana или “лоза посакувана од пчелите”. Сепак, и покрај тоа што често старите римјани користеле еден термин за повеќе вински сорти, едно е сигурно Апианум се однесувал на винските сорти чиј шарм се огледал во интензивните и заводливи ароми на слаткиот гроздов нектар. Фианото го доживува своето реоткровение пред петнаесетина години, кога во Авелино - Кампанија - Јужна Италија се откриваат стари насади како се протегаат по локалните лешникови дрва (иако тоа нема никакво влијание врз ароматиката на виното каде во одредени околности се појавуваат аромите на јаткасти плодови). Сортата е со прилично низок род поради која често се наоѓала на листите за одкопачување според шемата на ЕУ со цел намалување на лозовите насади, како една од мерките за решавање на преплавеноста на винскиот пазар со вина. Меѓутоа нејзините карактеристики да го пренесат тероарот особено од вулканските почви на апенинските планини сазлужено ја враќаат оваа сорта на винскиот пазар. Фианото последната декада е се повеќе во фокусот на винските познавачи ширум светот оставајќи ги познатите бели вина од североисточните италијански региони Trentino - Alto - Adige и Friuli - Venezia - Giulia во втор план. Во Италија често може да дојдете во забуна со оваа сорта бидејќи истото име се користи сеуште во Пуља и Молисе, каде Фиано Ароматико е логично поароматичната варијанта. За да не доаѓа до забуна Фиано Ароматико е преименувано во Минутoло иако сеуште можете да сретнете етикети низ Пуља каде е истакнато само името Фиано. Покрај винските региони на Кампанија, лозови насади од оваа сорта може да се сретнат и во Сицилија. Австралија и Аргентина. Кај нас во тиквешијата за сега само во експериментална фаза, благодарејќи на винаријата ВВМ "Гоце Делчев – Тиквеш" која на своите експериментални лозја 2001 засади лимитиран број на лозови прачки, клонови препорачани од реномираните расадници на VCR (Vivai Cooperativi Rauscedo). Винарската Визба Милев е релативно млада винарија (2013) која е дел од компанијата "Гоце Делчев - Тиквеш" многу повеќе позната како долгогодишен гигант во производсво на високо квалитетно винско грозје од сопствени насади кои се протегаат на преку 1000 ha. Со самиот факт што ГД-Тиквеш располага со огромни ресурси и широко портфолио на квалитетна суровина, потенцијалот на винаријата ВВ Милев за производство на високо квалитени вина е огромен, а пазарот секогаш спремен за нови изненадувања. Тоа што го прави сортните Фиано вина атрактивни е силниот и раскошен вкус, восочна текстура, свежина и лесна минералност. Пролонгираните sur lie техники па и посериозни ладни мацерации, влијаат на восочната текстура кај овие вина и го зголемуваат периодот на зреење во шише со што се зголемува комплексноста додавајќи зачински ноти и ароми на јаткасти плодови во надополнување на примарните овошни и флорални ароми.
Fiano Virgo VVM GD-Tikves 2017 - солиден репрезент на сортата со лесна карактеристика на тероарот во однос на повеќе истакнатата техника на производство. Интензивни флорални ноти на бело цвеќе надополнети со овошни ноти на анананс, лимета и манго. На вкус суво со добро балансирана свежина и овошност, адекватна на ароматиката. Повеќе маслената текстура отколку восочната како и недостатокот на "потешките" ароми на мед, полен го прави ова вино полесно и повеќе освежително за конзумирање. Добро интегрираниот алкохол го надополнува телото и овозможува полн и богат вкус со релативно среден завршеток. Иако дизајнирано за конзумација во неговата младост ова вино е структурно силно и има потенцијал за понатамошно пролонгирано зреење во шише во наредните 5 год со што би се зголемила комплексноста со карактеристичната лешникова арома и дополнителни зачински ноти. Во ваше здравје ! Ова вино можете да го најдете во онлајн продажба на eBar.mk
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |