En Primeur [ан-при-мер] - трговски термин, близок на винската индустрија, често користен во врвните вински дворци на Бордо. Во одреден ден во годината се канат "врвни носови" и потенцијални купувачи или трговци со вино на престижна винска дегустација. Денот е најчесто на пролет, а вината се главно со потенцијал за понатамошно зреење, при што фокусот е на последната берба. Критичарите оценуваат, а трговците калкулираат во кое вино ќе инвестираат пред да се флашира, при што корисен репер им е генералната оценка на винските експерти за квалитетот на бербата. Иако посетата беше исклучиво во насока на проценување на вината кои се спремни да ја напуштат "винската спaлна", сепак дегустацијата може да се нарече винска премиера на она што може да се очекува од новите црвени вина на Шато Сопот што допрва ќе се лансираат на пазарот. Ice-Breaking Кога станува збор за дегустација на "неоткриени" вина, кои созреваат спокојно по неколку години во визбите, жарот да се вкусат е навистина силен и тешко скротлив, а очекувањата секогаш превисоки (барем за оние што голтнале винска мушичка). Секако доколку веднаш се фрлите на работа нема да ги добиете вистинските резултати. Токму поради тоа се решивме со нашиот домаќин инж. технолог Божидар Илиевски менаџер на Шато Сопот, да ги стивнеме страстите на 15 минутки на сончевата палуба во сопотското винско море. Потпивнуваме вода, мислиме на вино и така секоја секунда саат, секоја минута ден. Сепак и некоја корисна информација за лозјата која подоцна ќе се потврди и низ вкусот па и квалитетот на вината и ќе ја комплетира сложувалката. Барик сала Свето место во винаријата, каде владее спокојот во кој се развиваат вината. Место, вели Божидар, каде често знае да ги донесе клучните одлуки. Влегуваме со почитување и се трудиме да не бидеме премногу гласни, а долу во визбата наредени неколку кратки вертикали (вина од иста сорта подредени по берби) кои после долгогодишното зреење во француските дабови буриња на Seguin Moreau [Сју-гјан Мо-ро] за првпат го здогледуваат светлото на визбата вклучително и нас тројца. Помеѓу вината што би ги издвоил и препорачал е Шардоне 2015 кое нуди комплексна ароматика со среден интензитет, суво, солиден баланс, маслена текстура, среден финиш. Генерално вино со добар квалитет кое по ништо не заостанува од кавлитетните македонски шардонеа зреени во дабови буриња. Пино Ноар 2014 кое со оглед на мошне лошата година, пријатно ме изненади. Свежи овошни ароми на црвено овошје (цреша, црвена рибизла) чија комплексност ја зголемуваат нотите на нежна ванила, сладунец, по некој влажен лист. На вкус суво, свежо, со свиленкасти танини, хармнично, нежно со долг послевкус. Отприлика така некако би изгледал новиот Allure 2014. За тие што се љубители на ова вино морам да напоменам дека за разлика од претходните берби кои може да се дефинираат како повеќе месести, водени од џемести ноти на цреша и интензивна ванила, кај 2014 може да очекуваат послабо тело, повеќе елегантност, но и зголемена комплексност кај аромите. Во периодот што следи Каберне Совињонот јасно го покажува својот потенцијал да остане водечка сорта на Шато Сопот. Елегантен и свеж Каберне 2014, чии главни адути се интензитетот и комплексноста на аромите како и мекиот вкус и полираните танини, поради што најдобро би се снашол соработувајќи во помали пропорции со помладиот Каберне од 2015. Во кабернето 2015 се гледа одразот на новата Гранд Резерва, ако не и една од компонентите на идниот Алшар, crème de la crem cuvee на Шато Сопот, прво и последно произведено во 2007 кога е и оформена винаријата. Концентрирано, богато, одлично структуирано, сеуште изразена таниничност која ги турка вкусовите во задниот дел од устата оставајќи го средниот дел ултра-лесно намален во вкус поради високата концентрација на екстракт. Многу добро Каберне кое може да се конзумира веднаш но со силен потенцијал за понатамошно зреење. Кабарнеата од 2016 и 2017 иако сеуште млади воопшто не заостануваат зад 2015 во однос на потенцијалот и структурата. Би била интересна вертикала на финалните верзии од овие три берби.
Една од карактеристиките на вината со врвен квалитет, поради која се разликуваат од останатите пијалоци, е нивниот афинитет да ве пренесат во нивното родно место кое најчесто ве остава без здив. Сопот е едно од нив. На здравје ! Photo-credits Vasil Buraliev
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |