Елегантен господин, со фини манири, секогаш добро намирисан, умерен, строг но и праведен, отприлика така го замислувам карактерот на виното Cabernet Franc кога би го претставил во човечка форма. Е сега ... верноста и не му е посебно силна страна па има повеќе деца наваму натаму, меѓутоа три од нив се признати и исклучително познати во винскиот свет: Cabernet Sauvignon, од првиот брак со блондинката Sauvignon Blanc, Merlot од вториот брак со бринетата Magdeleine Noire des Charentes и Carmenere со третата, бринетата Fer Servadou. Вистински шармер, иако тивок и во сенка на своето потомство, истиот момент е спремен да понуди арсенал од позитивни карактеристики и да го плени секое непце. Насадите со Франк се поретко се одгледуваат, вкупната количина низ светските вински региони не преминува 60000 ha, во споредба со насадите на Каберне Совињонот кои само во Франција изнесуваат 56386 ha. Најчето се користи во купажи со Каберне Совињон и/или Мерло. Во Бордо купажите кои уште ги делат на купажа од левиот и купажа од десниот брег на реката Жирон, каде на левиот брег доминира Каберне Совињонот а на десниот брег Мерлото. Всушност Франкот сјае во полно светло во Бордо купажите од десниот брег. Во славните купажирани вина на Chateau Cheval Blanc, учествува и дo 50%. Франкот секако може да се најде и како сортно вино. Во Франција најдобрите примероци на Франк доаѓаат од регионите Chinon и Bourgueil кои се наоѓаат помеѓу дворците сместени во долината на реката Лоара Втора по производство на Каберне Франк е Италија со сортните вина од североисточниот дел Фриули - Венеција, како и од Тоскана - Болгери (познато по славната Sassicaia која е Каберне Совињон) од каде пак доаѓаат и најдобрите примероци на Каберне Франк, со што ја збогатуваат групата на Super Tuscans вината. Производството на оваа сорта иако не е со значајни количини, сепак е застапена во поголемиот дел светските вински региони, од каде произлегуваат генерално 4 - 5 профила на Каберне Франк вината. Каде се наоѓа нашиот односно Франкот на винаријата Брзанов и кои се неговите карактеристики останува да прочитаме. Дали нешто ни наговестува винаријата Брзанов со именувањето на нивната премиум линија 'Elixir' и не наведува на размислување дека станува збор за некој магичен напиток?
Ако помисливте на момент во таа насока, може да се каже дека сте во право. Тука станува збор за високо квалитетно вино од селектиран гроздов сок, слоботок (free run juice) најдобро од најдоброто, со најголема концентрација на феноли, антоцијани, катехини, зрели танини ... Количината на тој концентриран сок е навистина многу мала со сооднос со количината на грозјето од кое се добива и заедно со долгиот период на зреење во нови дабови буриња, остава трага врз цената, но некој велат 'задоволството нема цена'. Elixir Cabernet Franc 2012 - вино со темна рубин боја, конзистентна до самиот раб што ја наговестува високата концетрација, вискозно при провртување со густи споро лизгачки солзи, откривајќи ја високата присутност на глицерол. На нос, комплексни ароми со средно-висок интензитет, движено во бранови, во прв налет џеместо овошје, јагода, зрела црвена слива и црна рибизла, преплетено со топли слатки ароми на ванила и цимет, во втор бран повеќе суптилни минерални ароми на влажен чакал, траги од црвена пиперка. На вкус, суво, вибрантно, зрели но изразени танини, висок алкохол, полно тело, интензивно и развиено зрело овошје што ги прати мирисните ноти, добар баланс помеѓу алкохолот и овошните ноти, како и помеѓу киселините и остаточниот шеќер. слоевита заокружена текстура, долг финиш со топла нота на печена црвена пиперка. Многу добро вино, поради високата овошна концентрација, комплексните ароми, добро итегрираниот висок алкохол, како и посебно долгиот финиш. Може да се конзумира веднаш но има потенцијал кон понатамошно зреење, поради високите киселини, алкохол и танини. Ова вино кое е лимитирана серија од само 300 примероци ќе блесне во вистинско светло за 3-5 години. За нарачка кликнете на следниот линк www.eBar.mk
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |