Во пресрет на летната сезона во Грција запознајте се со Асиртико (Assyirtiko), една од сортите чии вина се се повќе популарни помеѓу љубителите на виното. Кога термометарот на мојата тераса во градот кој се гуши ќе го замени календарот, знам дека летото започнало. Намалените гужви по асфалтот кој полека се топи е знак дека почнуваат кратките миграции, само овј пат град-село, а селата претежно на грчкото крајбрежје. Дружејќи се со вината на дневна основа, често ме стигаат прашања од типот "Шо викаш за грчките вина?" . На балканот сите држави произведуваат помалку или повеќе квалитетни вина, и за винските вљубеници ширум светот балканот преставува вистинска ризница за истражувања на нови вински искуства, кога пак станува збор за трендови, и грчко бело вино, велам: Асиртико! Можам да го разберам поривот на разладување со рицина-газирана вода, па во недостаток на ароми и вкусови кои ги однела водата, по системот сам свој мајстор, додаваме тоник или битер лемон, парчиња лимон и Viola! Тоа си е легитимно, рани душа да те слуша, но е далеку од суштината на грчките вина. Љубовната врска со Асиртико ја започнав некако ослободен од предрасудите дека грците "немаат" добри вина, како што често може да се слушне, веројатно поради прераната дружба со рицината (Retsina). Она што веднаш ме привлече кај асиртикото беше големата сличност со Мускаде (Muscated), едно од многуте мој француски омилени вина (нема допирна точка со ароматичните вина од мускатните сорти) кое впарено со остриги се како братче и сестриче. Како Мускаде Севр-е-Мен (Muscadet Sèvre et Maine) ретко се среќава по винските рафтови, кај нас не се ни обидувајте да барате, асиртикото уште повеќе ме заинтересира, особено поради поизразените "мускули" во однос на мускадето. Каква сорта е Асиртико ? Бела винска сорта која "куршум не ја бие"! Отпорна на разни болести, пепелница, пламеница ... Отпорна на суша ... Одлични резултати дава на песокливи и сиромашни со нутриенти почви. Она што често ќе го сретнете за неа како уникатно е начинот на закројување. Имено лозарите од Санторини нејзините ластари ги плетат во форма на кошница со цел да ја заштитат лозата од ударот на ветровите. Внатре во кошницата (гнездото) е плодот, грозјето, кое буквално се сонча и во мир созрева. Гроздовите од оваа сорта созреваат доцна затоа се погодни топли климатски услови. Иако во такви климатски услови многу сорти ги губат киселините на сметка на шеќерноста, кај асиртикото токму тие високи киселини се главна карактеристика при што нуди и добра шеќерност како и доволно време за фенолна зрелост, односно развој на аромите. Брилијантно! Овие карактеристики водат кон тоа да вината од оваа сорта можеме да ги сретнеме во сув, но и сладок стил како што е популарното Винсанто (Vinsanto) кое не е исто со италијанското Вин Санто (Vin Santo). Асиртикото се смета за сорта на островите од Егејското море, особено Кикладите, а за негов дом е одреден островот Санторини. Често ке слушнете дека потеклото оваа сорта го води од Месопотамија (Ирак) поради името assyrico (Assyrian) ili од Херез (Jerez) Шпанија и тамошните шери вина, сличноста на "seri" со Sherry, ништо од тоа не е докажано. Приказната дека наводно има уште два типа на Асиртико (FlaskAssyrtico и Arseniko) исто паѓа во вода, првото е друга винска сорта а второто е вирусно инфицирано Асиртико. Како и да е поради сличните карактеристики и тие се во игра и ги делат предностите (високите кислеини) и недостатоците (брзата оксидација) на асиртикото. Кои Асиртико Вина ? Кога бирате вина секогаш е најдобро да почнете со регионот кој се смета за родно место на сортата од кое е направено виното, во случајов тоа е островот Санторини. Уште поубаво доколку тоа го направите во самиот регион. Иборот на стил е исто важен, се бира стил по кој тие вина се препознатливи, во случајов суво вино. На тој начин се стекнувате со винско искуство во кое ги евалуирате карактеристиките кои се типични за сортата, од тука па натаму споредувате вина со истата сорта од други вински региони. Овој начин не е тесно поврзан со квалитетот на вината, тука држете се до цената доколку немате доволно винско искуство да го одредите квалитетот преку дегустација. Како и да е, генерално вината од Санторини ги карактеризираат освежителни високи вински киселини и одлична минералност изразена преку суптилниот вкус на јод. Кај повеќето вина од Асиртико од останатите вински региони ширум Грција, очекувајте повеќе овошност на сметка на минералноста. Секако не пропуштајте винска дегустација, бидејќи вината се продукти кој треба да се пробуваат, да не кажам како кога купувате чевли.
Не пропуштајте ! Една таква водена винска дегустација е веќе во најава (повеќе). Вкусете и дознајте повеќе за одбраните вина од Асиртико и изборот на храната која овозможува најдобро да ги почувствувате вкусовите во добар баланс и хармоничност. Во ваше здравје !
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |