Дома, некаде околу полноќ, веќе добри три часа сум на полнач од нежното и скришно потпевнување на Brian Johnson додека онлајн се ашкаме по винските региони. Тоа е оној момент кога слушалките стануваат дел од твојата глава. Така прилично и AC и DC наелектризиран ми текнува дека имам од денешната дегустација добро оладен Сив Пино. Е да ... тоа е тоа ... навистина смирува ... релаксира ... Со втората голтка пробувам да се сетам како ја нарекуваа оваа винска сорта, но не можам да ги исфрлам имињата од фајлoт во мојата глава: Пино Гриџо, Пино Гри, Токе де Алзас ... searching ... buffering ... Ми светна сијаличката (воедно и прегоре) ! Сивиот Монах, да, така го викаа во Унгарија. Повторно се приклучувам на полначот, враќам ушите (читај слушалките), одиме ... Пино Гри (Pinot Gris) - полно тело, ароматично ... во неговото најдобро светло. Често може да го сретнете како мирно ужива во неговата слава под името Пино Гриџо (Pinot Grigio). Модерна, широко распространета винска сорта од која се добива меко, нежно мирисно, повеќе концентрирано и обоено од поголемиот дел бели вина, што е и за очекување од една мутација на повеќе познатиот Пино Ноар (Pinot Noir). Според книгите води потекло од Бургундија - Франција, или поточно од Шасенју Монтраше (Chassagne-Montrachet) кој пак е светски познат по Шардонето (ете ти сега). Денес оваа сорта во Европа најчесто ја поврзуваат со винските региони Алзас-Франција, Фаец-Германија (Pfalz) и во последните две-три декади Фриули-Италија, при што италијаните успеаа силно да се наметнат во светската винска арена со свежата и мирна варијанта, најчесто преку поевтините нивни вина од оваа сорта. Chateau Kientzheim - Alsace Легендата вели дека Царот Чарлс IV во 1375 година ја донел оваа сорта од Франција во Унгарија, каде францисканските (фрањевци во Хрватска) монаси ја засадиле на околните ридови покрај езерото Балатон. Тоа веројатно го објаснува унгарското име на оваа сорта Суркеборат (Szürkebarát) што би можело да се преведе како Сив Монах. Легендата продолжува така што после два века сортата е вратена назад во Франција, поточно во Kientzheim - Alsace од страна на генералот Lazarus von Schwendi кој го превзел владеењето на унгарскиот град Tokay денес светски познат по виното Tokay кое нема допирна точка со Пино Гриџо. Тоа исто веројатно го објаснува името на оваа сорта која до скоро се нарекуваше во Франција Tokay Pinot Gris (Tokay d'Alsace). Дегустација на алзашки вина во винарија Kientz - Alsace, која датира од 1696 година Меѓутоа да ги оставам легендите на страна и онака нема пишан доказ за тоа, она што е важно дека Пино Гри (Pinot Gris), Пино Гриџо (Pinot Grigio) и Сив Пино се една иста сорта. Евентуално, иако е непишано правило, како што е прифатена разликата помеѓу стиловите на вината Syrah и Shiraz кои се добиваат од иста сорта, ќе бидеме повеќе прецизни во ресторан доколку на сомелиерот му посочиме дека сакаме Пино Гриџо односно Пино Гри. Имено, доколку сакаме Пино Гриџо по негов избор, тоа ќе подразбере дека сакаме италијански стил, суво, со изразени киселини, битеркаст послевкус и нота на бадем. Токму поради овој стил најчесто можете да прочитате дека оваа сорта е помалку еднолична, досадна, без голем потенцијал, меѓутоа не е точно. Доколку пак кај Пино Гри се подразбира францускиот стил, не толку свежо, повеќе месесто, полно вино, со лесна блажина и бледа нота на мед (што најчесто доаѓа од ботритизираните гроздови). Најдобрите примероци вино од оваа сорта доаѓаат во сладок стил, или уште како што ги нарекуваме десертни вина. Тие се ретки, но ако имате среќа можете да ги најдете во Алзас. Colmar - Alsace, прекрасно живописно градче среде винскиот регион Алзас. Дрворедите од лозници се вообичаена слика по малите улички. Каков е македонскиот Сив Пино ? Во рестораните кај нас не мора да се мачите околу тоа под кое име ќе го нарачате, ако имате среќа да го најдете многу е веројатно дека изборот ќе се сведе на нашите 'Гриџовци'. Последнава декада неколку винарии се опробаа со оваа модерна винска сорта, која го привлече вниманието на повеќе инволвираните конзументи кај нас. Винаријата Попов е една од нив. која од насадите лоцирани на тероарот Вршник го прикажа ова вино на жедната македонска публика. Барик сала во винарија Попов место каде созрева виното во високо квалитетни дабови буриња на Seguin Moreau Сив Пино 2014 Вршник - средно интензивна лимун жолта боја со розеникава рефлексија, солзи како за 14% abv, густи и спори, лесно транспарентен раб. На нос плени со средно интензивни цитрусни ароми на сок од лимета, лимунова кора надоврзани со ароми од групата зелени овошја, зелено јаболко, огрозд, крушка типични за Сив Пино. Свежо, вибрантно на вкус иако мирисот повеќе плени од вкусот, сепак вкусот ги прати мирисните ароми, висок алкохол, средно-високо тело, битерест средно долг послевкус со нота на млад бадем.
Клучно за максимално уживање (покрај доброто друштво) е и темпратурата на послужување на ова вино која треба да се движи од 8-10C, на повисоки температура ја губи свежината и го потенцира грејниот ефект од алкохолот. Предлог за идеално упарување, пастрмка на скара со бадемов путер, уживајте ! Секако, можете да го набавите нa следниот линк: Popov-Pinot-Grigio
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |