Еден век старите зидови на бистрото Тирио (Thirio) ги вдомија македонските траминци, кои пак за возврат ги напарфемираа со нивните прекрасни ароми. Ние бевме само "мали" ликови во минување кои љубопитно го откриваа вкусот на траминецот. Кога средата ти станува како неделно поладне тоа е добар знак дека релаксираноста е на високо ниво, а токму во таков амбиент се дружевме со "нашите" траминци. Триесетина посетители (ако го сметаме и симпатичниот бенд и некој минувач), растурени по бистрото како планиски селца имаа, прилика да дознаат нешто повеќе за оваа сорта. Професионално ги расклопивме вината (а склопување се знае, мајстор) и го откривме следното. Изненади бројот на вина добиени од сортата Гевирцтрамина (Gewurztraminer), оној ароматичниот, кој е прилично редок во светот на виното. Сковин ни го понуди свежиот уште не лансиран на пазарот траминец 2017 добиен од белиот траминец (не ароматичен), што лесно можеше да се забележи во споредба со останатите, но затоа пак понуди многу хармоничен и солидно балансиран вкус. Малиот недостаток на ароматски интензитет кај Сковин го надополни тиквешовиот траминец кој веднаш ја покажа моќта на гевурц иако со доста полесен вкус. Двете класик линии како да се надополнуваа, генерално вина со прифатлив квалитет адекватен на нивната цена. Вирго траминецот на винаријата Гоце Делчев Тиквеш, која компанија е најголем производител на грозје кај нас, понуди еден траминец со добар квалитет, типични ароми на сортата и позицијата, на вкус хармоничен и солидно концентриран. Бовин понуди ароматика во склад со вкусот, фино заокружен траминец со добар квалитет воден од потписот на енологот на сметка на типичноста на сортата. Како и да е, еден од подобрите на вкус кој е мазен, полн скоро па кремав, веројатно како резултат на малку подоцната берба, и секако со некое зрно повеќе остаточен шеќер. Разигран и свеж, одлично балансиран вкус сервираше траминецот на Далвина, со типична ароматика за Гевурц, каде аромите на кајсија и рози одиграа прекрасен танц пред нашите сетила. Вистинска експлозија од ароми ги застити за крај траминецот на Попов, цврст на вкус со Гевурц ароми на рози, зрело грозје, кора од портокал, лесно битеркаст вкус на грејп, мед и цимет. Иако кај гостите мислењата беа поделени помеѓу Далвина, Попов и Пивка, мој личен фаворит е Траминец Пивка 2017. Ако за главна мана на сортата се смета тоа што нуди премногу од се, кај траминецот на пивка ќе ги најдете органолептичките компоненти на гевурцот скротени на кој лесно можете да им се препуштите да ве водат од еден слој во нареден. Добро балансиран, хармоничен, со средно полн вкус, комплексен, овошен, цветен. Одлично оцртани ароми, кои можете буквално школски лесно да ги дефинирате. Траминец во кој сигурно ќе уживате летово, разладен на 6-8 C во некоја дебела сенка. Се гледаме на следната винска средба, на здравје !
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |