|
СВЕТСКИ ДЕН НА ВРАНЕЦОТ 2025 (VWD) Во минатото, Вранецот беше само сорта грозје. Денес, тој е симбол на идентитет, гордост и поврзаност. Пулсот на македонските лозја и глас што сè повеќе му одекнува низ светот. Секоја година на 5 октомври, рефлекторите се свртуваат кон "Светскиот ден на вранецот". Она што започна како скромен ден во интернационалниот календар на сорти, сега прерасна во недела на искуства и продолжува да ги протега своите гранки кон тоа да стане едномесечна глобална прослава. Оваа еволуција ја отсликува приказната за самиот Вранец како смела сорта, експанзивна и полна со ветувања. Оваа година, патувањето започнува во долината на реката Вардар - повардарието, честопати наречена винска артерија на Македонија. Тука, дванаесет винарии и лозја ќе ги отвораат своите порти за меѓународната група новинари и експерти за вино. Пет дена, тие ќе ги посетуваат лозјата, ќе дегустираат од бурињата и ќе споделуваат разговори со винари чии животи се длабоко поврзани со вранецот. Денот на добредојде започнува со мастерклас посветен на долината и нејзината емблематска сорта грозје, каде што дегустациите на вината од вранецот нудат прв поглед во неговите разновидни изрази. „Вранецот има силен глас, страствен и несомнено балкански“ На 3 октомври, науката и страста се среќаваат на Конференцијата за Вранец. Локалните и меѓународните истражувачи се собираат за да ги откријат најновите сознанија за вранецот, неговата генетика, прилагодливост и уникатен профил. Конференцијата не запира само на теорија, гостите ќе го доживеат и вранецот во чаша, дегустирајќи вина од македонските виногорја, па дури и надвор од нејзините граници. Потоа доаѓа вечерта што останува во сеќавање, Салонот за вино Вранец, на 4 октомври во Музејот на современа уметност. Тука, виното и уметноста ќе се испреплетат во една, сензорна прослава. Производителите од Македонија и соседните балкански региони че ги претстават своите најдобри вранци, создавајќи дијалог на стилови и традиции. Опкружен со современа уметност, Салонот ќе прерасне во сцена каде што самата сорта настапува. Како што се одвива октомври, вранецот е приказна за долини и реки, за винари и визионери, за наследство и иднина. Светскиот ден на вранецот 2025 ја подига винската култура, овозможува поврзувања и претставува прослава што расте со секоја берба.
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |