Влатко Анчев и уметноста на создавање вина кои раскажуваат приказни .Како енолог, како го дефинирате вашиот пристап кон комбинирање на традиционалните методи од Тиквешкиот регион со современите технолошки процеси? Виното е како животот – секоја генерација му додава нешто свое, но основата останува иста. Во нашите вина комбинираме старо и ново, традиција и технологија – тие се рефлексија на времето и луѓето. Тиквешкиот регион има богата историја на винарство, и ние ја продолжуваме таа традиција користејќи го знаењето што се пренесувало низ генерации. Модерната технологија овозможува прецизност и контрола што ни помага да ја одржиме уникатноста на нашите вина. Лозјата на Попов Винарија се сместени во специфични услови – како тие влијаат на квалитетот и карактерот на виното што го произведувате? Нашите лозја се лоцирани на 65 хектари на три различни тероара околу с,Сопот, каде што микроклимата и почвата создаваат совршени услови за одгледување на грозје.Овие фактори му даваат на нашето вино уникатен ,,белег” – комбинација на овошни ароми и минерални карактеристики кои се типични за Тиквешкиот регион. Ова природно богатство е она што му дава на нашето вино автентичност и длабочина. Кои нови иновации или експерименти ги планирате за иднината на винаријата? Ние постојано експериментираме и се обидуваме да внесеме нови техники во процесот на производство. Иновацијата е патување – од лозјето до чашата. Еден од нашите најнови проекти е воведување на нови сорти грозје и експериментирање со различни методи на ферментација. Планираме производство на пенливи вина по Традиционална метода за да можеме да понудиме нешто ново и освежувачко на пазарот. Во моментот имаме спремно Шардоне за дегоржирање а морам да потенцирам дека најнов експеримент во винарија Попов е производство на Пенливо вино од Кратошија кое ќе биде вистинско освежување во нашиот асортимент. Како го гледате развојот на македонското винарство во контекст на интернационалната винска сцена и каде ја позиционирате Попов Винарија на таа мапа? Македонија има голем потенцијал да стане важен играч на глобалната винска сцена. Нашите уникатни услови и традиција ни даваат можност да создадеме вина кои се различни од другите. Попов Винарија се позиционира како бренд кој го комбинира најдоброто од локалното и глобалното. Понекогаш, најголемиот успех е да го оставиш виното да зборува само за себе, и ние со гордост ги претставуваме нашите вина на интернационалниот пазар. Виното има способност да раскажува приказни. Кое е најинтересното „вино-приказна“ што сте го создале досега и што го прави посебно? Едно од вината на кое сме особено горди е нашето ,,девојче’’ Кратошијата. Ова вино е како рефлексија на македонската душа – свежо, полно со ароми и со свој карактер. Но, приказната зад него е тоа што го прави посебно а нас особено горди. Кратошијата како сорта за жал заборавена во маргините на нашите Лозја ни даде потик да работиме на неа. Денес после повеќе од 10 години работа во лозје на мојот колег Петар, можеме да се пофалиме дека поседуваме 1 хектар чист насад од Кратошија за која говорат и последните признанијаи. На последните две натпреварувања на Mundus Vini, за Кратошија Резерва и Кратошија Гранд резерва добивме признание за најдобро вино од Македонија ( Best of Show ) за што сме особено горди. Како се менува вашата визија за виното со текот на времето? Постои ли вино кое ве „изменило“ како енолог? Со текот на времето сфатив дека виното не е само технички производ, туку и уметност. Секое вино носи различни емоции. Пред неколку години, работев на вино кое беше толку комплицирано во производството, но кога го пробавме, видовме дека има душа. Тој момент го промени мојот поглед на виното – дека совршенството не е секогаш во техниката, туку во емоциите што ги предизвикува. Како ги интегрирате локалните традиции и модерните трендови во процесот на создавање вино? Вистинската магија на виното доаѓа од балансирањето на овие два елемента. Традициите ни помагаат да го зачуваме автентичниот вкус на нашиот регион, додека трендовите ни даваат простор за иновација и нови идеи. Тоа е динамичен процес што ни овозможува да создаваме нешто што е и уникатно и модерно.
превземено / целото интервју на inovativnost.mk
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |