|
Што ни открива еден Sauvignon Blanc со вкус на халапењо за иднината на виното? Кога Сара Џесика Паркер и новозеландската винарија Инвиво го лансираа својот Sauvignon Blanc со додаден вкус на халапењо, реакциите беа очекувани. Некои го поздравија како брилијантен маркетиншки потег, додека други го доживеаја како уште еден доказ дека винската индустрија е подготвена на речиси сè за да привлече нова публика. Но можеби најинтересното прашање е сосема поинакво. Што ни кажува еден ваков производ за иднината на виното? Инспириран од виралниот тренд „Spicy Sauvy B“, овој Sauvignon Blanc содржи природен вкус на халапењо кој ја надополнува метопирезинската група на ароми, помеѓу кои е и аромата на зелена пиперка, ароми кои сортата веќе ги поседува. Тревестите ароми, нијансите на зелена пиперка и препознатливата арома на маракуја не се ништо невообичаено за белите совињони, особено за оние од Марлборо, Нов Зеланд. Од сензорен аспект, концептот затоа не е целосно нелогичен. Но вистинското прашање не е дали ни се допаѓа вкусот. Прашањето е што очекуваме виното да биде. Во последните неколку децении, водечките светски лозари и винарии вложија огромни напори за да го изразат тероарот попрецизно од кога било досега. Пониски приноси, селекција на парцели, автохтони сорти, лозарство насочено кон специфични локалитети и сè пософистицирани техники на производство, и сето тоа беше водено од истата амбиција: преку чаша вино да се пренесе чувството за местото од кое потекнува.
Во исто време, глобалната потрошувачка на вино е во опаѓање. Помладите генерации пијат помалку вино од своите родители. Конкуренцијата доаѓа од сите страни: крафт пиво, коктели, премикси, RTD производи и брзорастечка палета на безалкохолни алтернативи. Во такво опкружување, виното повеќе не е неспорната културна и гастрономска референтна точка каква што некогаш беше. Дали Spicy Jalapeño Sauvignon Blanc е еден од одговорите на овој предизвик? Можеби. Но постои и друг начин да се погледне на ова. Sauvignon Blanc традиционално не е категорија преку која се регрутираат нови љубители на виното. Неговата висока киселост, изразениот тревест профил и често интензивните ароми на маракуја, грејпфрут и зелена пиперка бараат одредено искуство и познавање на вината. Историски гледано, вина како White Zinfandel, полусув Riesling или Muscat Blanc биле многу поуспешни како влезна точка во светот на виното, благодарение на понискиот алкохол, понежната киселост и лесно препознатливиот овошен карактер. Ова отвора едно интересно прашање. Дали ова вино навистина е создадено за да привлече нови потрошувачи, или претставува обид да се создаде нова ниша во рамките на веќе зрелата категорија на Sauvignon Blanc ? Можеби станува збор за нешто уште позначајно. Технички гледано, овој производ припаѓа на растечката категорија ароматизирани или инфузирани вина. Тоа се вина кои повеќе не го градат својот идентитет исклучиво врз сортата, бербата и потеклото. Наместо тоа, додадената арома станува составен дел од нивниот пазарен идентитет. Токму тука дискусијата станува навистина интересна. Ако халапењото стане една од клучните карактеристики на виното, според кои критериуми треба да се оценува? Кога оценуваме класичен Sauvignon Blanc, бараме сортна типичност, баланс, комплексност, потенцијал за стареење и, идеално, чувство за местото од кое потекнува. Кај ароматизирано вино, овие критериуми стануваат многу понејасни. Дали повисока оценка треба да добие виното што попрецизно го изразува Марлборо, или она што поубедливо го пренесува карактерот на халапењото? Со други зборови, кога додадениот вкус станува поважен од тероарот, виното влегува во суштински поинаков систем на вредности. Тоа не мора да значи дека е погрешно. Пазарот најверојатно ќе ги награди производите што привлекуваат внимание, иницираат комуникација и секако, генерираат продажба. Но со тоа се менува и дефиницијата за успех. Наместо да прашуваме колку верно едно вино го изразува својот лозов насад, како ултимативен индикатор за квалитет, клучни показатели стануваат пазарниот удел, препознатливоста на брендот, релевантноста на социјалните мрежи и комерцијалните резултати. Тоа е сосема легитимна деловна стратегија. Но не е истата филозофија врз која е изградена современата култура на врвното вино. Можеби токму затоа Spicy Sauvy B претставува многу повеќе од уште едно неконвенционално лансирање на вино. Тоа отвора пошироко прашање за тоа дали винската индустрија се приближува до раскрсница меѓу две различни визии за својата иднина. Едната визија сè уште верува дека најголемата вредност на виното лежи во неговата способност да го изрази место на потекло. Додека другата ја гледа иднината во создавање нови категории, нови вкусови и нови потрошувачки искуства, дури и кога тие имаат малку заедничко со тероарот, сортата или традицијата. Можеби одговорот е некаде помеѓу. Ако ваквите производи успеат да привлечат потрошувачи кои подоцна ќе ги откриваат големите вина и приказните зад нив, тогаш тие можат да послужат како корисна влезна врата во светот на виното. Но ако станат доминантна насока на индустријата, тогаш останува едно подлабоко прашање: Ако повеќе не го оценуваме виното според тоа колку верно го изразува своето место на потекло, туку според тоа колку успешно испорачува посакуван вкус, дали сè уште се наоѓаме во светот на виното, или веќе сме влегле во светот на дизајнираните пијалаци ?
0 Comments
|