" Да засадиш лозје, значи тука сакам да живеам. Да изградиш визба, значи тука би можел да умрам." - Џанфранко Козловиќ (Gianfranco Kozlović) На почетокот на ова патување, еден многу драг вински пријател, воедно и ценет вински познавач од Хрватска ме запраша "Зошто Козловиќ ?" . Не беше тоа прашање во насока нема таму ништо посебно, туку повеќе дали сум открил нешто ново што сум се запукал дури до таму. Му велам дека многу одамна имам пробано прекрасна доцна берба од неговиот Мускат Блан па сум го запишал во имагинарната листа "must see" и ете се укажа прилика. "Мушкат Момјански", ме корегира и додава низ смеа "Има таму и други делиции." Локација Северозападна Истра, Хрватска. с. Момјан се наоѓа на 10на km воздушна линија од заливот Савудрија каде влијанието од јадранското море умерено движи по долината на реката Драгоња која е воедно и граница помеќу Хрватска и Словенија. Ако се разладувате на истарското крајбрежје Ровињ, Врсар, Пореч, Новиград или Умаг и сакате да ги задоволите вашите суфистицирани сетила, држете се по истарскиот ипсилон се до самата граница со Словенија пред која вртите десно уште десетина минути до Момјан од каде се спуштате во прекрасната долина во кое е сместено царството на винаријата Козловиќ. Вина и Туризам Долина милувана од есенско сонце и пријатно ветре, идеално како за прв ден од бербата 2019. Си велам, можеби не е баш згодна прилика за посета, со оглед дека почетокот на бербата е секогаш интензивен со активности, а јас сум дојден да поразговарам со Франко и дегустираме некое од неговите вина во една опуштена атмосфера. Сепак, така и беше, неколку часовен пријатен разговор следен со нежни вина низ кои се огледуваше прекрасната долина. Се совршено функционира. Во меѓувреме се слушнаа многу странски јазици по соседните маси кои задоволно заминуваа. Колку туристи ви доаѓаат во посета годишно ? - Искрено, не знам точен број, веќе не броиме. Се фокусираме само на тоа да бидат задоволни. За туристичкиот дел е задолжена мојата сопруга, тоа беше впрочем нејзина идеа, но сега доби сериозни размери во кој ме инволвираа и мене а јас сакам да го задржам фокусот на производството на вина. Мушкат Момјански Велат дека вие сте заслужен за афирмирање на Мушкат Момјански, но нели е тоа истата сорта Muscat Blanc a Petits Grains, ние пак ја викаме Темјаника ? - Да тоа е истата сорта но различно вино. Ние не ја заштитивме сортата како Мушкат Момјански ние го заштитивме виното и ја поставивме апелацијата која ја гарантира уникатноста на тоа вино, односно Мушкат Момјански. Звучи едноставно, би можеле и ние нашата да ја заштитиме, да кажеме како Вардарска Темјаника? - Па и е, треба само да ги средите книгите околу парцелите, педолошки и климатски да биде конзистентен и уникатен под-регионот, да дефинирате апелација со агрономско-технички минимални улови за производство на заштитеното вино, да ја документирате долгата традиција на производство на таквото вино со јасни органолептички карактеристики. Може еден Мушкат за почеток? А, може, се надевам дека е ист како тој од пред 100 години. (смеа) Малвазија Истарска (Malvazija Istarska - Malvazia Istiana) Кигите велат блиска до Малвазија ди Липари од Италија. Свероисточниот дел на Италија пак ја нарекува Малвазија Истијана. Не се заплеткувајте во автохтоноста на сортите, држете се до поднебјето и вината. Нурнете низ умерените овошни и квасочни ароми на малвазиите на Козловиќ и озвежете се со нивниот хармоничен и добро балансиран вкус. За тие со повеќе винско искуство кои можат да ја почуствуваат експресијата на тероарот, топло ја препорачувам: Санта Лучија (Santa Lucia) Како титов пионир, вметнат ми е некаков стандард за висок квалитет во насока на се што Тито јадел, пиел, пушел, возел ... се смета за екстремно квалитетно. Верувам дека не сум единствениот. Кога се вината во прашање едно од омилените вина на Тито кое често го конзумирал била малвазијата од микролокацијата Санта Лучија. Рид во непосредна близина на Момјан. Денес поголемиот дел, поточно најдобрите блокови од лозовите насади се во посед на винаријата Козловиќ од каде се бере најквалитетното грозје за производство премиум малвазијата Санта Лучија. Истата нуди ароми на агруми следени со зачински ноти и ноти кои наговестуваат одредена минералност. На вкус е суво, со освежителни киселини, концентрирано, полно тело, со добро оцртани вкусови и совршен баланс. Пријатен добро интегриран висок алкохол. Кремозна текстура и тактилен салинитет, среден минерален финиш. Вино дефинитивно за посериозна храна. "Виното е како религија, секој верува во својата" По пат накај Вас на пет минути од тука ја приметив винаријата Кабола. Како ја објаснувате сличноста на тероарот а два различни пристапи кои резултираат со комплетно различни стилови на вино? - Виното е како религија, јас верувам во својата, тој пак во неговата и тука нема ништо чудно. На крајот е важна само љубовта кон виното. И така, по некаков спонтан редослед, голтка префинетост, залак среќа и збор алтан од тивкиот соговорник кој и возврати на природата со визија искована во момјанската долина низ три генерации и остави аманет на четвртата да продолжи таму каде тој ќе застане, дојдовме и до крајот на оваа посета. Во ваше здравје ! Сомелиерски обуки: Скопје, Охрид и Битола
0 Comments
|
Chosen or written by:
|