|
Салон што ја отвора сезоната, но уште поважно, ја открива насоката во која се движи македонската винска сцена GrandVin 2026, кој се одржа во хотелот Мериот во Скопје, уште еднаш ја потврди својата улога како настан што симболично ја отвора новата винска година во земјата. Со учество на околу четириесет изложувачи, претежно винарии, но и вински барови, увозници и агенции за вински туризам, салонот понуди широк пресек на актуелната понуда и развојните насоки на сцената. Настанот привлече разновидна публика, од вински ентузијасти до професионалци од индустријата, создавајќи динамична, но истовремено прегледна и пријатна атмосфера за дегустација и разговор. Особено внимание привлече посебниот штанд со наградените вина од најновото издание на Vranec Selection by CMB 2026. Овие вина, сè уште „топли“ по добиените признанија, за првпат беа претставени на ваков формат веднаш по натпреварот. Нивното присуство внесе дополнителна тежина на настанот и понуди јасен увид во квалитативните достигнувања на регионалната сцена. Во рамките на програмата беа доделени и сертификати на кандидатите кои успешно ги завршија обуките на Macedonian Association of Sommeliers. Овој момент имаше посебна тежина, бидејќи директно ја нагласува важноста на едукацијата и континуираниот развој на професионалниот кадар во индустријата. И покрај високата посетеност, настанот се одвиваше без преголема гужва, што им овозможи на посетителите слободно да се движат, да разговараат со изложувачите и со внимание да ги дегустираат вината. Коментарите за македонските вина беа исклучително позитивни, а низ просторот доминираше релаксирана, но фокусирана енергија.
GrandVin 2026 не беше само уште еден успешен настан, туку прецизен пресек на моментот во кој се наоѓа македонската винска сцена. Во чашите сè почесто се препознаваат обиди за поголема елеганција, пониски алкохоли и појасно изразени примарни ароми, вина кај кои овошјето, свежината и сортниот карактер доаѓаат во прв план и појасно го дефинираат нивното потекло. Во исто време, сè уште е присутен и доминантниот, поконцентриран стил, длабоко вкоренет и во продукцијата и во очекувањата на локалниот пазар. Токму во таа тензија помеѓу традицијата и новата чувствителност се наоѓа вистинската приказна. Не како конфликт, туку како процес, постепено поместување каде што идентитетот сè уште се преговара. Можеби токму таму лежи и најголемиот потенцијал, во моментот кога самодовербата нема да произлегува од сила, туку од прецизност, рамнотежа и јасно артикулирано потекло. Дел од амбиентот тука
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |
AuthorTerroir.mk GRAND VIN
SPRING WINE SALON 28 March 2026 Wine Courses
TASTE of AWARDS
03 октмври 2025 хотел Мериот 18:30 VRANEC WORLD DAY
04 октомври 2025 Музеј на современа уметност 20:00 |