|
Со доаѓањето на пролетта, винската сцена во Скопје традиционално го добива својот прв голем момент во годината. На 28 март, во Skopje Marriott Hotel, повторно ќе се одржи GrandVin 2026 – настан кој веќе се етаблира како симболичен почеток на новата винска сезона. GrandVin, или „Големо вино“, е повеќе од класичен вински салон. Тоа е момент кога винската публика првпат се среќава со новите берби, новите купажи и новите етикети што ќе го обележат винскиот календар во месеците што следат. Во атмосфера што ја спојува професионалната публика и љубителите на виното, GrandVin создава простор за првите дегустации, разговори и впечатоци за вината што допрва ќе станат дел од ресторанските листи и винските колекции. Во таа смисла, GrandVin функционира како своевиден пролог на винската година – место каде што се чувствува пулсот на новата сезона и каде што винската сцена го прави својот прв чекор кон годината што претстои. Годинава салонoт добива и дополнителна регионална димензија. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат селекција од најдобрите Вранци наградени на меѓународниот натпревар Vranec Selection by CMB 2026. Станува збор за вина што доаѓаат од различни тероари на Балканскиот вински полуостров и кои преку својата стилска разноликост ја откриваат ширината на оваа автохтона сорта – од моќни, сончеви интерпретации од топлите долини, до порафинирани и елегантни изрази од повисоки лозарски позиции. Собрани на едно место, овие вина претставуваат редок пресек на современите стилови на Вранец и неговата растечка улога како препознатлив вински симбол на регионот. Салонот ќе биде отворен за посетители од 14:00 до 21:00 часот, овозможувајќи им на гостите да ги откријат новите вина, да разговараат со производителите и да добијат непосреден увид во насоките во кои се движи регионалната винска сцена. За сите што сакаат први да почувствуваат како ќе изгледа винската година што доаѓа, GrandVin 2026 е вистинското место.
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |
AuthorTerroir.mk GRAND VIN
SPRING WINE SALON 28 March 2026 Wine Courses
TASTE of AWARDS
03 октмври 2025 хотел Мериот 18:30 VRANEC WORLD DAY
04 октомври 2025 Музеј на современа уметност 20:00 |