Времето, виното и вторите шанси Тоскана, крајот на 90-тите – Времето кога виното беше само пијалак Првпат се најдов во Chianti Classico без ни најмала намера да станам некој што зборува за вина во долги реченици. Бев наивен патник, што повеќе мислеше на залезите отколку на структурата на едно Sangiovese, седнав во мал ristorante со карирани чаршави, додека келнерот – класичен Италијанец со природна елеганција – ми подаде чаша Chianti Riserva со насмевка што кажува „знам нешто што ти не знаеш“. И ми рече: „Questo non è solo vino, questo è il passato in un bicchiere “(„Ова не е само вино, ова е минатото во чаша“). Не знам што беше пофасцинантно – самата реченица или голтката што ја зедов потоа. Можеби заради географската широчина, добив впечаток дека сум пропуштила нешто многу важно во животот. Вкусот на цреши и тутун, арома што ме потсети на стара библиотека, со книги што не ги разбираш, но сакаш да ги прочиташ. Во тој момент, не знаев што значат термини како „долг финиш“ или „добро интегрирани танини“, но знаев едно – ќе почнам еден ден да учам за добрите вина. Тоскана, 2022 – Времето кога знаев зошто се враќам Дваесет и кусур години подоцна, се вратив на истата локација. Овој пат, не како турист, туку како некој што последните 20 и кусур години се интересира за вино. Овој пат, не го барав само вкусот, туку и приказната. Кога слетав во Фиренца и ја почувствував топлината на тосканското сонце врз мојата кожа, знаев дека ова враќање ќе биде поинакво. Овој пат, не само што знаев што пијам, туку знаев и зошто. Изнајмив старо италијанско Fiat 500, познато и како Cinquecento, тој легендарен мал автомобил од 60-тите како совршен симбол за носталгија, романтика и италијански стил, како создаден за возење низ тесните улички на Фиренца или за паркирање пред некоја винарија во Тоскана. Возев по земјените патишта што се виеја низ лозјата, моторот звучеше како фен за коса, но тоа беше небитно…свесна бев дека оваа земја не само што произведува вино, туку и го раскажува самиот живот. Во лозјата на Biondi Santi, кај што луѓето го започнаа култот на Brunello di Montalcino, седев во тишина, слушајќи го ветерот што носеше ароми на лаванда и топла земја. Ова не беше само дегустација, ова беше лекција по историја, по страст, по тоа како времето и трудот можат да создадат ремек-дело. Се дружев со луѓе кои толку сериозно зборуваа за виното што ти доаѓаше да прашаш дали се свесни дека во суштина прават алкохол, а не лек за бесмртност. А можеби и прават…?
И така, овие редови се раѓаат како вовед – што јас тука ќе правам, на овие свети страници на порталот кој сите што се некој и нешто во светот на вината го читаат. Од Австралија до Бордо – Историја во секоја голтка Секое мое патување е обележано со едно вино. А сум патувала во 74 земји, безмалку на сите континенти. Во Barossa Valley, Австралија, ми подадоа Shiraz, кој мирисаше на зачини, тутун и кожни фотелји во стар клуб. „Ова е како Red Hot Chili Peppers во шише,“ ми рече винарот – беспрекорен баланс на хаос и хармонија, како безвремснка песна што остава трага. Во Napa Valley, Калифорнија, седев во модерна винарија каде што вината имаа PR менаџери, а сомелиерите изгледаа како стартап фаундери. „Овој Каберне Совињон има нагласена таничност со елегантен финиш,“ рече младиот човек во црна ролка. ОК, но прашањето е – дали ќе ме натера да заборавам на моите проблеми или ќе ги потцрта уште повеќе? Во Bordeaux, Saint-Émilion, седам на тераса со поглед на лозја стари 300 години. Во чашата имам Château Cheval Blanc, најдобриот Merlot blend што некогаш сум го пробала. Мириса на историја. Што ме чека сега? Пролетва, не само што ќе продолжам да пијам вино и да патувам – јас ќе го учам виното. Влегувам, во посериозна мисија, се запишувам на винските обуки на MASOM. Паралелно со тоа ќе раскажувам приказни. Ќе правам интервјуа со македонските винарии, ќе продолжам да патувам на вински дестинации, ќе ги запознавам луѓето што прават вино, ќе им ги слушам приказните. Ќе ме читате и тука на terroir.mk Во моите пишувања нема да ви зборувам за оцени и технички анализи, тоа не е моја специјалност. Ќе ви зборувам за нивната приказна, за местата и луѓето што ги прават посебни. Ќе патуваме низ шишиња, ќе среќаваме винари, ќе анализираме тероари – но сето тоа со интересни стории, доза на хумор (на моја сметка) и многу искреност. Патувањата ме научија на многу нешта, но и на нешто многу важно– дека виното, како и луѓето, најдобро се оценуваат на вториот впечаток. Некои вина се претставуваат како спектакуларни на првото запознавање, но исчезнуваат без трага. Други, тивки и недооценети, со текот на времето се покажуваат како оние што остануваат. А животот пак ме научи на ова: Ако виното не може да ти ја разубави вечерта, немој да го пиеш. Ако луѓето со кои си не те смеат – смени ги. А оваа позната мисла ја знаете сите – „Животот е прекраток за лошо вино.“ Јас би додала: …и за лоши разговори. Да наздравиме за новите приказни што допрва ќе ги откриеме !
0 Comments
Your comment will be posted after it is approved.
Leave a Reply. |