Покрај тоа што генерално се смета дека еден од полошите термини за винско патување е периодот на берба бидејќи сите се некако маѓепсани и возбудени од тој клучен момент кога нивото на зрелост на гроздот го одредува квалитетот на виното и патем се чувствувате како да сте во кошница со пчели, сепак доколку е се врвно организирано како во винарницата Плантаже 13 Јули, навистина ќе имате прилика да се стекнете со едно посебно искуство. Чемовско поле кое се смета за родно место на винската сорта Вранец се простира на 2300 хектари на кој се насадени близу 10 милиони садници винова лоза, претежно Вранец. Да не ве чуди, тука е се во знакот на вранецот, дури и некој вински карти почнуваат со оваа потентна винска сорта. Локациски Чемовко поле се простира на северното крајбрежје од скадарското езеро, опкружено со високи планини. Покрај големата водена маса од езерото која и става предзнак на оваа уникатна месоклима "умерена", доминантно е климатското влијание од јадранкото море кое е оддалечено околу 50 km и главно продира низ широката долина на реката Бојана. Тоа се чувствува и во слатките и хербални мириси кој се шират низ топлиот и влажен воздух. Доколку се движите од правец на Албанија кон Подгорица веднаш ќе го забележите овој лозарски комплекс кој се смета за едно од најголемите лозја во Европа. На западната страна од Чемовско е понорницата Цијевна чие корито овозможува да се погледне еден природен почвен пресек каде во површинскиот слој на момент се среќаваат делови од терароса, но и блокови од алувијална почва налик на бордо (ситен чакал, глина и песок со различно ниво на варовник) до делови со крупен чакал налик Јужна Рона кој помага со топлинската радијација во вечерните часови. Сепак, лозите жедта од силното црногорско сонце ја гаснат пуштајќи го својот коренов систем длабоко помеѓу варовничките карпи допирајќи до потребните минерали. Комплексна почвена структура која дефинира различна микроклиматска околина, а со тоа и можност за производство на различни стилови на вино. Вински аеродром Добар дел од Чемовско поле во минатото бил дел од воен аеродром на ЈНА, за што сведочат и пистите кои се протегаат низ лозјата. Посебно е чувството, доколку ви дозволат, да рулате по пистата опкружена со "море" од лозови насади. Но, вистинското задоволство допрва следи, кога ќе го паркирате "авионот" пред некогашниот хангар сега претворен во винска ризница и нурнете во тајните на вината. Шипчаник е називот на таа ризница кој е во суштина единствен рид среде Чемовско во кој е вкопан некогашниот хангар долг скоро половина километар. Шипчаник - еногастрономска ризница
Идеално место за бегство од врелото црногорско сонце, скроено по терк на светски познатите вински туристички дестинации. Одлична локација на само неколку километри од црногоската престолнина, Подгорица. Опремено со се што е потребно за еден висок вински туризам и правилно претставување на вината и следено со врвно гастрономско уживање од домашни маслинки, малинови масла, сирења, прочуениот његошки пршут, човек да не излезе од ено-гатрономката ризница. А за крај фаворитот на Џони Деп, Медун - вранец. Што друго да се каже сем бра-во! За вината понатаму нема да пишуваме, тоа задоволство ви го препуштаме вам.
0 Comments
|
Chosen or written by:
|