Што прво ви паѓа на ум кога ќе се спомене биодинамично вино? Ако вашиот одговор е “дека се тоа производители на вино кои танцуваат околу виновата лоза под полна месечина”, не сте единствени, но доколку вашиот одговор е “никогаш досега не сум слушнал за биодинамично вино”, тогаш добредојдовте ! Овој тип на лозарство и производство на вино е познат во винските кругови како пристап на компостирачки хипстер при правење вино. Покрај неговата ексцентрична репутација, најдобрите вински брендови почнуваат успешно да го имплементираат во нивниот процес на производство на вино поради придобивките во однос на лозјето и вкусот на вината. Па што всушност е биодинамично вино ? Пред да одговориме, првин да се запознаеме со органското вино. Органско вино е вино добиено од зрели здрави гроздови одгледани без помош од синтетички пестициди и адитиви. Некои органски вински брендови одат чекор понапред и произведуваат вино без додавање сулфур. Биодинамичното вино е како органското, само на (целосно природни) "стероиди". Биодинамиката е холистички пристап на земјоделието кое ги разбира виновите насади како целосен жив екосистем. Лозарите ги земаат во предвид почвата, лозата, ѕвездите и животните при одгледување на виновата лоза. Во 1920тите Рудолф Штајнер, австриски филозоф, се обиде да ја спои науката со духовноста во новата идеологија наречена Антропософија. Тој го примени овој нов начин на размислување во земјоделството. Новата стратегија за земјоделство вклучува следење на календарот за садење во согласност со астрономските конфигурации, односно поставеноста на ѕвездите при третирање на почвата како жив организам и целосно елиминирање на сите вештачки хемикалии . Тоа е најстарото анти-хемиско земјоделско движење кое го најави 20 години подоцна појавувањето на органското движење. Како и органското земјоделство, грозјето се одгледува со помош на компост и ѓубриво наместо синтетички препарати. За разлика од органското земјоделство, астролошките календари и лунарните циклуси го дефинираат периодот кога лозите ќе се садат, кројат или берат. Многу биодинамички практики се стремат да креираат вино во неговиот најчист можен израз. На пример, биодинамичките винари не користат селектирани квасци, малолактички бактерии или дотерување на нивото на киселините или шеќерите, се со цел да се зачува експресијата на тероарот. Другите практики се малку необични. Познато е дека биодинамичните винари користат 10 чисто природни, рачно изработени препарати. За потребите на препаратите 500 и 501 кои се клучни, на есен се закопуваат во лозјето кравји рогови претходно наполнети со природно ѓубриво , со надеж дека ќе ја заживеат енергијата на почвата. Додека одредени биодинамички методи може да звучат како вуду ритуал, многу врвни винарии ги користат овие техники во лозјето за да ја елиминираат употребата на хемиски пестициди и да промовираат само-одржливост со цел да ја зајакнат природната виталност на почвата. Лозарите на лозовите насади одгледуваат растенија кои се пријателски настроени кон инсектите. Тие воедно ги привлекуваат инсектите-предатори кој пак ги елиминираат штетните инсекти за лозата и потпомагаат при опрашувањето.. Сите природни компости ја обновуваат почвата и го подобруваат квалитетот на грозјето, додека постојано ротиранње на секундарните култури помеѓу редовите во лозјето го оддржуваат здравјето на лозовиот насад, како и неговата заштита од изненадни болести. Дождот се собира и повторно се користи за наводнување. Не е непознато во лозјето да се одгледува органско-зеленчукова градина па и кошници со пчели. Секако тука се посебните методи на производство на природни препарати при чија подготовка се оди до таму што се внимава на начинот и страната на која ќе се меша растворот за препаратите со цел да бидат во склад со природното движење на нашата планета.
Ширата се ферментира во посебни ферментори со јајцевидна форма која симболизира раѓање на нов живот и така натаму. Сепак, што точно значи целата оваа еколошка работа за виното? Биодинамичките земјоделци веруваат дека со следење на овие чекори можат да создадат чист израз на регионот во нивните вина, односно на се она што ја дефинира уникатноста на еден тероар. Да напоменеме дека постои и друго движење кое е во склад со природата и исто се наоѓа под капата на биодинамичкото производство но не е толку оптеретено со одредени ритуали кои ги применуваат Штајнеровите следбеници. Овие биодинамичари се водат по начелата дефинирани од јапонскиот филозоф и фармер Фукока чиј пристап се базира на тоа да се интервенира што е можно помалку во како во лозјето така и во визбата и да се остави на природата да го одработи своето. На прва рака и не делува многу тешко, сепак овој начин на производство на грозје и вино бара постојана присатност и посветеност во лозјето и визбата, како би се реагирало благовремено со природни практики на несаканиот развој.
0 Comments
|