Капењето на македонските бели совињони можеше да се проследи вчера за време на винската дегустација која се одржа во скопското бистро Бруклински. На кратко, посетеноста не беше баш најсилна страна на настанот, но како за утеха тие што дојдоа "баш убаво си поминаа". Куртоазно или не, и јас го делам нивното чувство, и можам да додадам дека скоро сигурно за тоа помогнаа одбраните совињони и пролетниот амбиент во Бруклински со оадекватните залци вкусна храна. Дегустиравме пет бели македонски совињони кои доаѓаат од различни виногорја и винарии. Секој си го пронајде својот фаворит, според стилот, па и моменталното расположение. Некого го плени интезинвата овошност и повеќе полното тело на совињоните од Винариите Камник и Далвина кои беа скоро идентични во стилот, заокружени, кремасти, со таа разлика што Далвина понуди дополнителна интензивна пирезинска арома на коприва додека пак Камник свежина и рескост, со допадлива присутност на гас и наговестување на грам повеќе остаточен шеќер. Ѕвездената Прашина на Езимит се најде некако помеѓу два стила, едниот каде доминираа сортните карактеристики а вториот процесите во визбата, па имавме прилика да пробаме Бел Совињон кој асоцираше повеќе на американските совињони со една по умерена но сепак интензивна овошна ароматика, фина заокруженост, траги на тревести ароми и пријатна свежина во завршетокот. Совињонот на винаријата Кувин ни ја пренесе виничката позиција и свежина на лозјата од 600 метри надморска височина. Иако во почетокот нејасно поради редуктивните ароми кои со провртување на чашите ги елиминиравме и малку постарата берба, сепак успеавме да ја го почувствуваме ароматскиот пирсинг на Белиот Совињон. Popova Kula Sauvignon Blanc 2016 беше иборот на поголемиот дел од гостите. Еден лесен ароматичен Бел Совињон, воден од сортната ароматика на цитрусно и зелено овошје преплетено со тревести ароми во многу добра хармонија. Пријатна свежина и баланс во вкусот со дополнителна минералност која ве тера на нова голтка. Класичен Бел Совињон кој го оправдува насловот на самата линија Classic. До следната винска дегустација ! Придружете се на Винскиот Клуб
0 Comments
|